Долгогодишната успешна соработка меѓу амбасадата на Република Австрија и Националната галерија, во низата на проекти на културна размена и претставување на истакнати австриски уметници на нашата уметничка сцена, оваа година пред публиката ја донесе изложбата со наслов „ФЛОРА-ФАУНА-ПОКРИВИ / ПИРХ-ЛАЈРЕР-ПИРХ“.
По овој повод, Националната галерија на Македонија и амбасадата на Република Австрија вечерва (12 март) во 19.30 часот ќе отворат изложба која го претставува современото австриско сликарство инспирирано од пејзажи, урбани мотиви, флора и фауна.
За творештвото и инспирациите ќе зборува уметникот Харо Пирх или кураторот Герхард Алтман, а изложбата за отворена ќе ја прогласи Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Македонија.
На изложбата ќе бидат претставени дела од австриските уметници Харо Пирх, Констанце Пирх и Манфред Лајрер, чии уметнички дела нудат современ поглед кон природата, животинскиот свет и просторот што нè опкружува. Изложбата ги обединува трите различни, но меѓусебно поврзани уметнички визии на авторите, кои со години се дел од уметничката традиција на Рабницталските сликарски недели – во покраината Бургенланд, Австрија.
Во фокусот на поставката се три тематски линии што ја дефинираат и нејзината насловна структура.
Констанце Пирх се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции. Манфред Лајрер во своите дела ја истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти.
И покрај нивната стилска различност, делата на тројцата уметници се поврзани преку заедничко уметничко потекло, долгогодишна соработка и заедничко разбирање за значењето на природата, просторот и секојдневниот живот како инспирација за современото сликарство.
Изложбата претставува уште еден значаен културен настан што ја продлабочува соработката меѓу Австрија и Северна Македонија, реализиран со поддршка на австриската амбасада во Скопје, Националната галерија, како и партнерите и спонзорите на проектот: Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, Prime Moving, Casinos Austria International Macedonia.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 12 април 2026 година.












