Службениците на Европската комисија и членовите на Европскиот парламент учат како да препознаваат закани од шпионажа преку симулации во кои самите ги преземаат улогите на шпиони, пишува „Политико“, повикувајќи се на три извори запознаени со интерните безбедносни процедури. Целта на обуката е да им се покаже колку лесно може да паднат доверливите информации во погрешни раце и на кои начини може да дојдат странските разузнавачки служби до чувствителни податоци.
Обуката се одржува во време на зголемена загриженост за шпионажа во европските институции, особено по обвинувањата за обиди на унгарската разузнавачка служба да регрутира информатори во рамките на ЕУ. Еден функционер на Европскиот парламент изјави за „Политико“ дека е предупреден за таканаречените сценарија „медена стапица“, во кои се користат личните или романтичните врски за извлекување информации или за создавање можности за уцена, како во случајот со Џенсен Хуанг, поранешниот извршен директор на американскиот производител на чипови „Енвидија“.
Генералниот директорат за безбедност на Европскиот парламент советува функционерите да избегнуваат компромитирачки ситуации во приватниот живот и да обрнат особено внимание на луѓето што се сомнително пријателски расположени или покажуваат прекумерен интерес за нивната работа. Во материјалите во кои имал увид „Политико“, учесниците во 45-минутната обука, наречена „Игра за избегнување кибер“, се поканети да преземат „многу специјална мисија“ во тимови од најмногу пет луѓе, така што ќе се најдат во улога на шпиони, ќе влезат во приватна канцеларија и ќе соберат што е можно повеќе траги за личноста што им е цел.
– Не пропуштајте ја можноста да станете шпион во канцеларијата! – се вели во поканата.
Користејќи ги информациите пронајдени во канцеларијата, учесниците потоа ги поврзуваат собраните податоци за да дојдат до доволно детали за пристап до онлајн сметките и до приватните податоци на целта.
– Од нас се бараше да пребаруваме канцеларија во потрага по информации. Целта беше да видиме колку можеме да дознаеме преку комбинирање на информациите што ги наоѓаме онлајн со деталите откриени во канцеларијата или во кантата за отпадоци – рече еден функционер на Европскиот парламент што учествувал во обуката.
Иако обуката не е нова, досега не е известувано за нејзиното постоење. Развиена е од Дирекцијата за кибербезбедност во рамките на Генералниот директорат за дигитални услуги (ДГ ДИГИТ). На интерниот систем за учење, обуката е претставена како достапна за сите вработени, вклучувајќи и привремени работници, па дури и практиканти. Еден функционер на Европската комисија се потсети на посебна контраразузнавачка вежба во која учесниците имале задача да идентификуваат сомнителни предмети распоредени во просторијата, кои потенцијално би можеле да се користат за шпионирање. Во исто време, разузнавачките агенции, меѓу кои и белгиската Служба за национална безбедност, организирале контраразузнавачки брифинзи за европратениците и за другите функционери на ЕУ. На тие состаноци, ги предупредувале за заканите од странски разузнавачки служби и им објаснувале како да избегнат да станат нивна цел.












