Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го обвини Вашингтон дека ја истиснува Москва од „Нафтената индустрија на Србија“ (НИС), како и од енергетските пазари ширум светот, пренесуваат руските медиуми.
Лавров изјави дека Соединетите Држави објавиле оти венецуелската нафта сега е под нивна контрола, а не под контрола на Кина или Русија.
„Иако таму не контролиравме ништо – а ниту Кинезите – ние бевме партнери. Тие нè истиснуваат оттаму, нè истиснуваат од сите енергетски пазари“, рече Лавров, според извештајот на агенцијата ТАСС.
Рускиот министер за надворешни работи го наведе примерот со Србија за да илустрира она што го нарече доктрина на доминација на глобалните енергетски пазари – доктрина која, според него, во моментов се спроведува во пракса.
„Нафтената индустрија на Србија, во која ’Гаспром њефт‘ е главен акционер, минува низ процес на реструктуирање. И оттаму нè истиснуваат“, истакна Лавров.
Руските медиуми наведуваат дека Унгарија има намера да го испочитува рокот на Европската унија за постепено напуштање на рускиот гас – што подразбира целосен прекин на испораките до есента 2027 година – и во моментов бара алтернативни добавувачи на нафта. Привременото изземање од американските санкции, кое овозможува набавка на нафта од „Лукоил“ и „Роснефт“, истекува на 21 ноември, a следствено, унгарската компанија MOL ги подготвува своите рафинерии за премин кон снабдување од други извори, вклучително и преку хрватскиот нафтовод ЈАНАФ.












