Марин Ле Пен, лидерката на десничарската партија „Национален собир“ и еден од главните кандидати на француските претседателски избори, денеска го претстави својот предлог за пензиска реформа. Таа вети можност за порано пензионирање, како и формирање нов пензиски фонд вреден 900 милијарди евра.
На прес-конференција, Ле Пен изјави дека ќе ја укине пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон, со што ќе им овозможи на стотици илјади француски работници да се пензионираат порано.
„До оние кои се прашуваат дали францускиот социјален модел сè уште ќе постои кога ќе дојде време за нивно пензионирање – ве слушнав. Оваа реформа е ветување за иднината и чин на доверба во францускиот модел“, рече таа на прес-конференцијата.
Таа најави дека стотици илјади работници ќе можат да се пензионираат порано – добивајќи две до три години „во споредба со она што би го наметнала реформата на Макрон“.
Осврнувајќи се на предлозите за пензиска реформа на нејзините главни ривали во претседателската трка, Марин Ле Пен остро ги критикуваше оние на Жан-Лук Меланшон, обвинувајќи го дека „ветува сè и сешто“.
Меланшон, лидерот на партијата „Непокорна Франција“, првенствено се залага за враќање на старосната граница за пензионирање на 60 години.
Според телевизијата BFM, Ле Пен го оцени овој план како „неправеден“, со „астрономски трошоци“ и „целосно невозможно финансирање“. Со оглед на тоа што анкетите укажуваат на можна победа на претседателските избори следната пролет, партијата „Национален собир“ (RN) се соочува со сè поголем притисок детално да објасни како планира да ги намали буџетските дефицити без притоа да се откаже од ветувањата дадени на гласачите од работничката класа – вклучително и овозможувањето на оние што рано ја започнале својата кариера да се пензионираат уште на 60-годишна возраст, пренесува Ројтерс.
Ле Пен предложи формирање пензиски фонд од 900 милијарди евра, кој би се градел во текот на една генерација, како дополнување на постоечкиот модел на меѓугенерациска солидарност.
Фондот би се полнел преку пренасочување на дел од постоечките придонеси што работодавачите ги плаќаат врз основа на платите на вработените. Ле Пен ветува дека ќе ја врати законската возраст за пензионирање на 62 години – или 60 години за оние со долг работен стаж – план што таа има намера да го финансира преку зголемување на учеството на работоспособното население на пазарот на трудот и преку воведување компонента на пензиско штедење заснована на капитализација (приватни фондови).












