четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ФТ: Трамп наскоро ќе се повлече од Иран, но ќе биде предоцна....

ФТ: Трамп наскоро ќе се повлече од Иран, но ќе биде предоцна. Светот виде сè

710
EPA/BONNIE CASH / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп наскоро ќе прогласи крај на војната со Иран. Но, тој момент ќе има помалку врска со тоа дали неговата мисија е исполнета – каква и да е таа мисија всушност – отколку со тоа колку политичка и економска болка може да издржи Трамп. Прагот на издржливост на Иран е речиси сигурно повисок од неговиот, пишува уредникот на „Фајненшл тајмс“, Едвард Лус, во коментар за весникот.

Трамп, секако, ќе го претстави повлекувањето како победа. Но, Иран ќе има силен интерес да се осигури дека никој нема да му верува. Ова, според Лус, е сржта на дилемата во која се довел Трамп.

Трамп, пишува Лус, ќе беше во многу подобра позиција ако однапред ја предвидел оваа ситуација. Еден од првите потези можеше да биде надополнување на стратешките резерви на нафта на Америка. Тие беа значително исцрпени по целосната инвазија на Русија врз Украина и никогаш не беа надополнети.

Цените на нафтата и гасот можеби и тогаш ќе се зголемеа, но навремената подготовка е секогаш подобра од гаснењето пожар потоа.

Вториот чекор би бил да се регрутираат монархиите од Персискиот Залив за воен план пред почетокот на конфликтот. Но, фактот дека Трамп немаше јасно дефинирана цел го отежнуваше таквиот пристап. Сега, пишува Лус, тој се соочува со сè понервозни држави од Заливот.

Ормуз и илузијата за контрола

Клучното прашање, пишува Лус, е дали Трамп во меѓувреме сфатил колку е проблематично да се оди во војна без долгорочно планирање. Дури и сериозно ослабен Иран сè уште може да ги заплаши танкерите во Персискиот Залив и да парализира голем дел од производството на енергенси во регионот.

Без целосна окупација на Иран, Трамп не може да гарантира безбедна пловидба низ Ормузскиот теснец. Производството на беспилотни летала е децентрализирано и тешко се уништува само со воздушни напади. Трамп, исто така, не може самиот да го избере новото раководство на Иран.

Како што многумина веќе забележаа, на Соединетите Држави им беа потребни дваесет години за да ги заменат Талибанците во Авганистан со – Талибанци. На Трамп му требаше, пишув Лус само малку повеќе од една недела за да го замени еден Хамнеи со друг.

Со оглед на тоа што новиот врховен водач, Моџтаба Хамнеи, се смета за уште поцврст од неговиот татко, Трамп веројатно ќе има тешкотии да постигне прекин на огнот со Иран, а камоли она што тој го нарекува безусловно предавање.

Во таква ситуација, на Трамп му остануваат неколку многу опасни опции. Првата би била да испрати американски или израелски специјални сили во Исфахан за да го запленат она што останува од иранските залихи на збогатен ураниум, околу 400 килограми.

Успешна операција би му дала на Трамп спектакуларен излез од војната. Искушението за брза акција за да се смени наративот за неговата слабост би можело да биде огромно.

Но, над таков план, предупредува Лус, лебди сенката на Џими Картер. Неговата неуспешна операција за спасување на американски заложници во Иран во 1980 година во голема мера придонесе за политичкиот колапс на неговото претседателствување.

Трамп постојано тврди дека нуклеарната програма на Иран е целосно уништена. Таа нема да преживее сличен политички неуспех. Друга опција би била да се окупира иранскиот остров Харг за да се запре извозот на иранска нафта. Таквиот потег би можел да биде уште поризичен бидејќи би барал многу повеќе американски војници на терен подолг временски период.

Нова операција дополнително би го влошила веќе огромниот шок

Иако би го прекинала главниот извор на приход на иранскиот режим, таквата операција дополнително би го влошила глобалниот шок на пазарот на нафта. Соодносот ризик-корист во такво сценарио, верува Лус, изгледа крајно непромислено.

По едвај една недела војна, јавната поддршка за политиките на Трамп е на ниво на поддршка за Виетнамската војна кон крајот на 1967 година, кога загинаа повеќе од 11.000 американски војници. Денешните Соединети Држави, пишува Лус, немаат политичка толеранција дури ни за неколку десетици загинати војници.

Затоа, прашањето дали Трамп ќе се откаже од војната е само прашање на време.

Повлекувањето има своја цена

Сепак, дури и ако еднострано прогласи победа и се повлече од конфликтот, Трамп ќе плати висока цена за тоа. Најголемиот ризик е што всушност ништо нема да се случи. Ако се повлече, Трамп ќе му ја открие на Иран својата точка на пукање – зголемувањето на цените на енергенсите.

Најсигурниот пат кон долгорочна безбедност за иранскиот режим може да биде развојот на нуклеарно оружје. Добрите разузнавачки информации може да овозможат понатамошно уништување на нуклеарните капацитети на Иран, но тоа не е гаранција за успех.

Светот ќе ја запомни оваа војна

Постои една штета што Трамп никогаш нема да може да ја поправи, заклучува Лус – довербата во Америка. Дури и откако ќе се стабилизираат цените на нафтата, светот ќе се сети на начинот на кој неговата администрација ја славеше војната и реториката на убиство, како што ја нарече министерот за одбрана Пит Хегсет.

Трамп свесно одлучи да оди во војна и отворено покажа задоволство од својата моќ да одлучува за животот и смртта. Војната, пишува Лус, треба да биде последно средство откако ќе се исцрпат сите други опции.

Дека постоеле други опции е добро познато. Ако Трамп навистина избрал војна, заклучува авторот, тоа ќе биде тешко да се заборави.

ИЗДВОЕНИ