Екипата на МЗТ Скопје пропушти уште една можност за пласман во првата АБА- лига. Тимот од Аеродром оваа сезона не стигна ниту до плејофот, а таа надеж згасна на гостувањето кај Широки Бријег, каде што загуби со 111:109 по продолженијата.
Иако амбициите пред секоја сезона се пласман во АБА-лигата, сепак, резултатите покажуваат дека не се „дораснати“ за такво нешто, па, како и секоја година, домашното првенство ќе биде единствената опција за трофеј, односно успех. Но, на меѓународната сцена речиси и да не постоиме.
Тимот од Аеродром, кој секоја година има најквалитетен тим и ростер, и оваа година ќе мора да се задоволи само со домашната титула, покрај онаа во Купот. Рака на срце, премалку за тим што секоја година најавува атака за влез во АБА- лигата, во која играат тимови од сите поранешни ју-простори, освен од Македонија.
Шанса за подобро светло има тимот на ТФТ Скопје, кој во плејофот ќе игра против Златибор, тим што заврши на второто место на табелата, во регуларниот дел.











