вторник, ноември 10, 2026
Дома СВЕТ Франција не стивнува: Заменик-градоначалничка полеана со бензин, повредени речиси 300 просветни работници/ВИДЕО

Франција не стивнува: Заменик-градоначалничка полеана со бензин, повредени речиси 300 просветни работници/ВИДЕО

0
EPA/Firas Abdullah

Речиси 300 вработени во францускиот образовен систем се повредени откако започнаа протестите на средношколците кон средината на септември, изјави денес портпаролот на француската влада, Матие Лефевр, повикувајќи на смиреност и дијалог.

„Имаме речиси 300 повредени вработени во образованието. Ова насилство е апсолутно неприфатливо и сите политички сили мора да повикаат на смиреност и дијалог“, рече Лефевр по владина седница, пренесува Ле Фигаро.

Според француските медиуми, 49 средни училишта низ целата земја се блокирани од утрово.

Дополнителни тензии предизвика инцидент во градот Шел, во департманот Сена и Марн, каде што советникот и заменик-градоначалник Анхела Паско дос Сантос беше полеана со бензин додека се обидуваше да спречи палење на контејнер во близина на средното училиште „Гастон Башелар“.

Таа рече дека еден млад човек фрлил шише со бензин во пределот на нејзините гради, по што поднела жалба за обид за убиство.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нуњез, го осуди нападот, опишувајќи го како урбано насилство кое бара најрешителен одговор.

Министерката за образование, исто така, го осуди инцидентот, нагласувајќи дека повеќе не станува збор за барања на средношколците, туку за криминално однесување кое ги користи протестите како изговор за напад врз институциите.

Претседателката на регионот Ил де Франс, Валери Пекрес, го опиша насилството како неприфатливо и побара сторителите да бидат пронајдени и казнети.

Протести се одржаа и во други француски градови. Во Лион се собраа околу 1.000 луѓе, вклучувајќи средношколци, студенти и синдикалци, додека во Бордо демонстрираа неколку стотици млади луѓе.

Протестите започнаа кон средината на септември и прераснаа во пошироко незадоволство од трошоците за живот, состојбата на младите луѓе и образовниот систем.

ИЗДВОЕНИ