среда, јули 29, 2026
Дома СВЕТ Франција издаде нови предупредувања во пресрет на новиот топлотен бран – од...

Франција издаде нови предупредувања во пресрет на новиот топлотен бран – од утре портокалова тревога во 23 департмани

50
EPA/ANDY RAIN

Дваесет и три француски департмани, вклучувајќи ги регионите Ланд и Жиронда погодени од шумски пожари, ќе бидат под портокалова тревога во четврток поради топлотен бран, соопшти во среда националната метеоролошка служба „Метео-Франс“.

„Метео-Франс“ предупреди на екстремно високи температури во департманите Ланд и Жиронда, каде што ситуацијата останува особено тешка и бара зголемена претпазливост.

Новите области под портокалова тревога го вклучуваат и југоисточниот медитерански дел од земјата, од Приморските Алпи до Корзика, додека уште 69 департмани ќе бидат под жолта тревога. Само четири департмани, во Бретања и регионот Манш, ќе останат под зелена тревога, пренесува АФП.

Во меѓувреме, Белгија испраќа околу 30 војници и 11 специјализирани возила во Франција за да помогнат во борбата против разорните пожари во регионот Жиронда. Две противпожарни возила Пантер, кои ќе бидат транспортирани со воени авиони А400М, и девет воени цистерни за вода што патуваат по пат се испратени за помош.

Воените тимови што ја придружуваат опремата го сочинуваат почетниот контингент, чија мисија е планирана за две недели, со можност за продолжување или дополнително ангажирање доколку е потребно.

Пожарот во Жиронда, кој се прошири на околу 42.000 хектари од 22 јули, беше под контрола во среда наутро по втората релативно мирна ноќ по ред, соопштија локалните власти.

ИЗДВОЕНИ