Педесетина граѓански организации бараат итно стопирање на новите гасни проекти во Западен Балкан, предупредувајќи дека тие ќе ја продлабочат зависноста од увоз на фосилни горива. Според нив, наместо енергетска сигурност, регионот ризикува милијардни инвестиции што може да завршат како нефункционални и товар за даночните обврзници. Анализите покажуваат дека планираните гасни капацитети се економски неиздржани и климатски спорни. НВО секторот повикува владите од Западен Балкан да се насочат кон обновливи извори и одржлив енергетски развој.
Првиот човек на ЕСМ, Лазо Узунчев, вели дека компанијата веќе е во голема инвестициска офанзива, која треба да резултира со нови производствени капацитети што ќе ја гарантираат енергетската стабилност. Клучен дел од стратегијата е изградбата на гасни електрани во Битола и Неготино, со вкупен капацитет што би можел да достигне и до 700 мегавати.
Педесетина граѓански организации ги повикаа владите на земјите од Западен Балкан да се спротивстават на притисоците од Соединетите Американски Држави и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани. Во заедничка изјава, од 47 –те организации предупредуваат дека „наместо само да го заменат рускиот гас, овие планови значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива.
Веќе неколку години, САД промовираат проекти како интерконекторот меѓу Грција и Македонија, терминали за течен природен гас (LNG) во Црна Гора и Албанија, како и јужната гасна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина.
– На овонеделниот 3SI Самит во Дубровник се планира меѓувладин договор за последниот проект, додека планираниот договор меѓу САД и Црна Гора веќе наиде на силен отпор од граѓанското општество и жителите кои живеат во близина на планираниот LNG терминал во Бар – информираат од „Еко-свест“.
Во споредба со Европската Унија, земјите од Западен Балкан имаат ниска или никаква зависност од гас. И покрај намалувањето на потрошувачката, во 2024 година гасот сочинуваше над 20% од достапната енергија во ЕУ. Но, во Западен Балкан, најзависни од гас беа Србија (14%) и Македонија (12%). Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3%, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура.
– Наместо ова да се гледа како предност што треба да се искористи, повеќето влади во Западен Балкан активно планираат гасоводи, електрани и LNG терминали кои заедно би можеле тројно да ја зголемат потрошувачката на гас во споредба со 2023 година – потенцираат од „Еко-свест“.
Според заедничката изјава, тие или ќе ги заглават земјите во скапа зависност од увоз, или ќе завршат како нефункционални (stranded) инвестиции.
Од државната компанија ЕСМ неодамна најавија силен инвестициски циклус насочен кон трансформација на домашниот енергетски сектор, со јасна цел – постепено намалување на зависноста од струјата произведена од јаглен и обезбедување стабилна базна енергија во иднина. Плановите опфаќаат изградба на нови гасни електрани, развој на обновливи извори и реализација на капитални проекти, но паралелно се отвора и прашањето дали земјава е подготвена за ваков енергетски пресврт.
Првиот човек на ЕСМ, Лазо Узунчев вели дека компанијата веќе е во „голема инвестициска офанзива“, која треба да резултира со нови производствени капацитети што ќе ја гарантираат енергетската стабилност. Клучен дел од стратегијата е изградбата на гасни електрани во Битола и Неготино, со вкупен капацитет што би можел да достигне и до 700 мегавати. Имено, електраната во Битола ќе има моќност од 250 до 300 мегавати и ќе функционира како комбинирана постројка што ќе произведува и електрична и топлинска енергија, со што ќе се покриваат потребите за централно греење во градот. Истовремено, ТЕЦ Неготино е планирано да се трансформира од постројка на мазут во современа гасна електрана со капацитет меѓу 350 и 450 мегавати.
Узунчев посочува дека овие два проекта ќе обезбедат доволно базна енергија за државата, но додава дека нивната реализација бара време, финансии и сериозна подготовка. Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“, вели дека планирањето на нови гасни електрани во Македонија отвора сериозни прашања за нивната економска оправданост и влијанието врз климатските цели.
– Нашата најнова анализа за проценка на емисиите од гасната инфраструктува во земјата покажува дека сегашните планови се преамбициозни, а изградбата на две комбинирани гасни постројки во земјава би била финансиски неодржлива, особено во услови на регионална конкуренција и зголемени ЦO₂ емисии. Државата треба внимателно да избере помеѓу продолжување на зависноста од фосилни горива или забрзана транзиција кон обновливи извори и одржлив енергетски систем, кој може сигурно да функционира и без нови гасни електрани – потенцира Чоловиќ Лешоска.
Пипа Галоп од ЦЕЕ Банквоч Нетворк, нагласува дека „среде уште една криза со фосилни горива, неверојатно е што владите сè уште планираат нови гасоводи и гасни електрани“.
– Тие би чинеле милијарди, дури и пред да се вклучат трошоците за самиот гас, и најверојатно би завршиле како нефункционални инвестиции или би биле силно субвенционирани од даночните обврзници. Планирањето и изградбата лесно може да потраат една деценија, што е предоцна за да го заменат рускиот гас, а регионот нема ни пари ни време за вакви скапи грешки – вели Галоп.
Организациите ги повикуваат владите во регионот да се фокусираат на соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер – поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи – како и на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење. Тие исто така повикуваат на поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт.
(С.Бл.)












