петок, јуни 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА БОЖИНОВСКА ОД UNECE: Одржливото управување со ресурсите е императив, не избор

БОЖИНОВСКА ОД UNECE: Одржливото управување со ресурсите е императив, не избор

34

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на „UNECE Resource Management Week 2026“, каде се обрати пред високи претставници, експерти и креатори на политики од целиот свет, испраќајќи силна порака за неопходноста од одржливо управување со ресурсите во услови на глобални енергетски и климатски предизвици.

Во своето обраќање, Божиновска истакна дека светот се наоѓа во период на длабока и неповратна трансформација на енергетскиот и ресурсниот систем, при што предизвиците како климатските промени, енергетската сигурност и економската отпорност се тесно поврзани.

– Се наоѓаме во период на длабока и неповратна трансформација на енергетскиот и ресурсниот систем. Предизвиците како климатските промени, енергетската сигурност и економската отпорност се меѓусебно поврзани, но и можностите што произлегуваат од нив можат да бидат двигател на одржлив развој – доколку делуваме заеднички – нагласи министерката.

Таа посочи дека државата направила значаен институционален исчекор со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, оценувајќи дека станува збор за стратешка, а не административна одлука.

– Ова не беше административна, туку стратешка одлука со која енергетиката ја поставивме во срцето на националната политика – потенцираше Божиновска.

Министерката информираше дека веќе се реализираат конкретни резултати преку развој на инфраструктурни проекти, меѓу кои гасното поврзување со Грција и планираната интерконекција со Србија, со што се зајакнува енергетската безбедност и регионалната интеграција. Паралелно, како што истакна, се интензивираат инвестициите во обновливи извори на енергија, особено во соларни и ветерни капацитети, како и активностите за подобрување на енергетската ефикасност. Во рударскиот сектор, фокусот е ставен на одговорно и одржливо искористување на ресурсите, во согласност со меѓународните стандарди.

Божиновска ја нагласи и важноста на мултилатералната соработка, посочувајќи дека ниту една држава не може самостојно да се справи со предизвиците на енергетската транзиција.

– Меѓународната соработка не е опција – таа е неопходност. Само преку партнерства, размена на знаење и заеднички политики можеме да обезбедиме одржлива и сигурна иднина – rече таа.

Божиновска упати повик за засилена соработка и побрза акција, нагласувајќи дека одржливоста е континуиран процес што бара визија, доследност и партнерство.

– Имаме знаење, имаме алатки и имаме можност – но потребна е решителност и единство. Одржливоста не е крајна цел, туку процес – порача министерката.

ИЗДВОЕНИ