Дела инспирирани од природата, животот и од просторот што нè опкружува, на современите австриски уметници Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харо Пирх, од завчеравечер може да се видат во галеријата „Чифте амам“ во Скопје. Изложбата насловена „Флора – фауна – покриви“ беше културен настан што привлече многубројни гости и љубители на уметноста.

– Изложбата ја носи свежината од пријателска Австрија, но претставува и убав повод уште еднаш да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави, кои ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски. Македонија и Австрија со години градат стабилно партнерство засновано врз доверба, почит и заеднички европски вредности. Во тие односи, културната соработка има особено значајна улога, таа отвора простор за дијалог, размена на идеи и за ново креативно партнерство меѓу институциите и уметниците од двете земји – потенцираше на отворањето на изложбата министерот Зоран Љутков.

Тој додаде дека иако секој од авторите има свој препознатлив израз, она што ги поврзува нивните уметнички светови е „внимателното набљудување на реалноста и посветеноста на детаљот – пристап што нè потсетува дека токму во малите нешта честопати се крие големата убавина“.

Инаку, изложбата ги обединува трите различни, но меѓусебно поврзани уметнички визии на авторите, кои со години се дел од уметничката традиција на рабницталските сликарски недели во покраината Бургенланд, Австрија. Во фокусот на поставката се три тематски линии што ја дефинираат и нејзината насловна структура. Констанце Пирх ѝ се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции. Манфред Лајрер во своите дела ги истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и од природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти. И покрај стилската различност, делата на тројцата уметници се поврзани преку заедничкото уметничко потекло, долгогодишната соработка и заедничкото разбирање за значењето на природата, просторот и на секојдневниот живот како инспирација за современото сликарство.

Изложбата „Флора – фауна – покриви“, која ќе биде отворена за посетителите до 12 април, ја реализира Амбасадата на Република Австрија, во соработка со Националната галерија и со поддршка од Министерството за култура и туризам. (Д.Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ