петок, јули 31, 2026
Дома СПОРТ ФИФА: Никој не го продава фудбалот!

ФИФА: Никој не го продава фудбалот!

0
EPA/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Меѓународната фудбалска федерација ФИФА денеска соопшти дека „никој не го продава фудбалот“ поради критиките за нејзината одлука да продаде удел во своите натпреварувања на приватни инвеститори.

ФИФА во соопштението наведе дека процесот на консултации за планот бил „нарушен од неточни медиумски извештаи“.

„Ги почитуваме повратните информации и загриженоста изразени во јавноста и ја потврдуваме нашата посветеност на отворени и демократски консултации. Ќе го продолжиме овој процес на консултации за да обезбедиме секој член да има можност да гласа врз основа на фактите“, се вели во соопштението.

ФИФА нагласи дека планот е предложен „единствено со цел да се обезбеди сите членови да имаат можност да остварат значително сопствеништво врз комерцијалните можности на фудбалот во нивните земји и дека ова не му штети на духот или управувањето на ФИФА или на самиот фудбал“.

„Никој не го продава фудбалот. Ова е нешто што ФИФА никогаш не би го разгледала“, се додава во соопштението.

Европската фудбалска унија УЕФА, управното тело на европскиот фудбал, вчера гласаше за бојкот на Светското првенство и другите натпреварувања доколку ФИФА продолжи со планот. Плановите потоа беа отфрлени од Конфедерацијата на северноамерикански, централноамерикански и карипски фудбалски асоцијации (КОНКАКАФ).

На ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино ќе им бидат потребни 106 од 211-те асоцијации-членки да гласаат „за“ за предлогот да помине. УЕФА и КОНКАКАФ заедно имаат 96 гласови.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, го одреди среда, 19 септември, како краен рок за сите 211 асоцијации-членки да прифатат еднократна понуда од 20 милиони долари како дел од инвестицискиот план за Светското првенство.

Средствата ги обезбедува инвестициска компанија во сопственост на братот на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, како дел од планот за продажба на удел во Светското првенство.

Идејата е да се формира нова подружница на ФИФА вредна 20 милијарди долари, во која 20 проценти од сопственоста би биле во рацете на приватни инвеститори.

Подружницата би управувала со натпревари и настани под покровителство на ФИФА, како што се Светските првенства за мажи и жени и Светското клупско првенство.

Доколку подружницата на ФИФА добие поддршка од мнозинството од 211-те земји-членки, секоја од нив ќе добие и ветени 20 милиони долари од четиригодишниот комерцијален циклус поврзан со Светското првенство во 2030 година.

Фијаско на планот на Инфантино и историско единство: УЕФА и КОНКАКАФ застана во одбрана на фудбалот!

ИЗДВОЕНИ