четврток, јули 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Фетаи именуван за специјален пратеник на Македонија за ЕУ

Фетаи именуван за специјален пратеник на Македонија за ЕУ

11

Арбен Фетаи објави дека со одлука на Владата е именуван за Специјален пратеник на Македонија за Европската Унија со седиште во Брисел. Фетаи изјави дека „ова е ново поглавје во служба на европската интеграција на земјата“ и дека оваа задача за него е чест, но и голема одговорност. Тој додаде дека патот кон Брисел продолжува, со решителност, партнерство и со целосна доверба во европската иднина.

„Задачата што ми е доверена е да се ангажирам за унапредување на процесот на европска интеграција на нашата земја, преку зајакнување на политичката поддршка во институциите и земјите членки на ЕУ, придонесување во надминувањето на политичките и дипломатските предизвици, како и правење гласот на Северна Македонија посилен и поприсутен во Брисел и во европските престолнини.“, вели Арбен Фетаи.

На ова реагираше потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, доведувајќи ја во прашање потребата од оваа функција, бидејќи Македонија веќе има Постојана мисија во Брисел. Според него, создавањето паралелен канал ја ослабува државната дипломатија и создава нејаснотии во претставувањето на земјата пред институциите на ЕУ.

„Создавањето паралелен политички канал во Брисел ја обезвреднува државната мисија, го нарушува авторитетот на амбасадорот и создава нејаснотии кој ја претставува земјата пред институциите на Европската Унија. Европската интеграција бара силни институции, јасна хиерархија и професионална дипломатија. Јавните функции не можат да се создаваат за политички згрижувања, додека постојните институции се третираат како декор.“, вели Бујар Османи.

Реагираше и партијата Левица, наведувајќи дека во земја каде граѓаните се борат да обезбедат минимална плата, Владата на ВМРО-ДПМНЕ создава политичка каста на привилегирани лица, каде неактивноста се наградува со повисоки функции.

Од оваа партија истакнаа дека Фетаи, додека бил вицепремиер, со месеци не одел на работа, но продолжувал да зема плата, а сега е именуван на нова функција со дипломатски статус.

ИЗДВОЕНИ