Почнаа градежните активности за доградбата на средното стручно училиште „Илинден“. Од Општина Илинден информираат дека со реализацијата на овој проект ќе се прошират постојните капацитети на училиштето, со посебен акцент на подобрување на условите за практична настава и обезбедување поквалитетна образовна средина за учениците и наставниот кадар.
-Проектот опфаќа изградба на нов дел со површина од околу 160 квадратни метри. Ќе има приземје и кат, во кои ќе бидат сместени современа училница, односно работилница наменета за практична настава, две канцеларии, помошна просторија и санитарни јазли. Новиот простор ќе биде поврзан со постојниот училиштен објект преку застаклен коридор, со што ќе се обезбеди функционална поврзаност и непречено движење во рамки на училиштето – истакна градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој изврши увид во почетокот на градежните активности.
Со реализацијата на овој проект, Општина Илинден има за цел да создаде поквалитетни услови за учениците и наставниот кадар, да ги унапреди капацитетите за практична настава и да придонесе кон понатамошен развој на средното стручно образование.












