Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роже Федерер, повеќе не е милијардер, објави американски „Форбс“. Федерер беше вклучен на листата на милијардери по тениската кариера, поради многу пресметани и интелигентни инвестиции во разни бизниси, меѓутоа ова е, исто така, „измамничка“ категорија.
За еден ден, Федерер загуби десетици милиони поради флуктуациите на берзата, а бидејќи акциите на компанијата за луксузни производи „Он“ имаа пад поради послабата продажба од прогнозата, тој го почувствува тоа и на своја сметка.
Падот од 19 проценти го чинеше најмалку 52 милиони долари, пишуваат американските медиуми и потсетуваат дека Федерер има 2,5 проценти удел во оваа компанија. Тие излегоа на Њујоршката берза првпат во 2021 година и нивната вредност експлодираше, особено минатата година, кога Федерер официјално првпат беше наведен како милијардер.
„Форбс“ проценува дека нето-вредноста на Федерер сега се намалила на 952 милиони долари, што е значително пониско од минатата година, кога беше проценето неговото богатство на 1,1 милијарда долари.
„Он“, кој потекнува од Цирих, денес се смета за еден од препознатливите производители на патики за трчање. Федерер првпат се вклучи во работата на компанијата во 2019 година, преземајќи ја улогата на косопственик и неформален моден советник, додека остриот раст од претходната година беше поврзан и со специјалната линија на Федерер „Роџер“.
Патем, на крајот од својата играчка кариера, Федерер почна да истражува за инвестициските опции, а „локалната“ компанија од Цирих се појави како една од најпримамливите. Неговата сопруга, Мирка, носеше патики од оваа компанија, која во тоа време беше фокусирана на патиките за трчање. Основана е од Швајцарци, поранешни спортисти, кои сакаа да им понудат на своите колеги соодветна опрема за рекреација и натпреварување.
Меѓу основачите е и Оливер Бернхард, швајцарскиот Ајронмен што разви сосема нова технологија за производство на спортска опрема, но „Најк“, со кого соработуваше во тоа време, не сакаше да почне нов проект.
Колку има заработено Федерер од тенисот?
Од тенисот, Федерер заработил 130 милиони долари и е трет на „вечната“ листа, зад Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас, но прашање на време е кога ќе го престигнат Карлос Алкарас и Јаник Синер, едноставно затоа што наградите во нивно време се многу повисоки.
Федерер, од друга страна, секогаш заработува многу пари надвор од теренот. Имаше неколку силни спонзорски договори, па дури и потпиша за „Јуникло“ за 300 милиони долари, во 2018 година. Во Азија добро знаеја дека ќе потроши „половина“ од договорот во пензија, но тоа не ги загрижи особено, додека Швајцарците сакаа да ѝ се „одмаздат“ на американската компанија „Најк“ по 24 години.
Тие само ќе заработуваат пари…
Федерер сè уште има огромни договори со спонзорите, но постои голем интерес за потпишување договор со него дури и меѓу компаниите што не го финансираа претходно. Едноставно кажано, тој е многу привлечен за корпорациите: и поради беспрекорната кариера и поради пензионерскиот начин на живот. Швајцарецот не го следат скандали, неговото семејство живее мирно, а постои голема шанса едно од неговите деца да се обиде во светот на тенисот, што би го ставило целото семејство во центарот на вниманието и тоа би им донело профит на компаниите.
Меѓу другото, експертите очекуваат дека проект почнат пред неколку години ќе му донесе на Роже огромни пари и дека тој веднаш препознал добра идеја во тоа. Станува збор за кампања за развој на растителна храна почната од чилеанска компанија, која би можела да привлече огромно внимание во Европа.












