четврток, август 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Прво лето без гужви и нервози: Пасошите се издаваат без застој, термин...

Прво лето без гужви и нервози: Пасошите се издаваат без застој, термин за сликање за ден-два

2

И покрај зголемениот број барања за лични документи во летниот период, издавањето патни исправи се одвива непречено и без подолги рокови на чекање, информираат од Министерството за внатрешни работи. Во текот на јули биле поднесени околу 55.000 барања за лични документи, меѓу кои и за патни исправи. Од МВР велат дека во редовна постапка термин за поднесување барање се добива во рок од еден до два дена, додека документите се издаваат за најмногу седум дена.

Од Министерството оценуваат дека ваквата динамика е резултат на преземените организациски мерки и оптимизацијата на работните процеси. Посочуваат дека ова е првпат во јули и август, кога традиционално има најголем број граѓани од дијаспората во земјава, постапката да се одвива без подолги рокови на чекање. МВР располага со доволно капацитети за да одговори на зголемениот број барања, а во случаи на итни и оправдани причини поврзани со патување во странство се постапува согласно законските можности за итно издавање патни исправи.

Од Министерството им препорачуваат на граѓаните од дијаспората навреме да ја проверат важноста на своите документи и, доколку имаат потреба од нов пасош, барањето да го поднесат веднаш по пристигнувањето во земјава.

Отсеците за управни работи при МВР од февруари 2025 година работат со продолжено работно време. Во Скопје и Тетово услугите се достапни од 07.30 до 19.30 часот, додека во Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип работното време е од 08.00 до 18.00 часот. Во останатите подрачни единици работното време е приспособено според локалните услови.

Во Скопје, пак, реконструираниот дел од Одделението за управни работи овозможува граѓаните на едно место да ги добијат услугите поврзани со пасоши, лични карти, возачки дозволи, уверенија за државјанство и други документи. Според МВР, целта на реконструкцијата е услугите да се обезбедуваат побрзо, поефикасно и со пократко време на чекање.

ИЗДВОЕНИ