ФБИ ги предупреди агенциите за спроведување на законот во Калифорнија во последните денови дека Иран би можел да возврати на американските воени напади со напади со беспилотни летала од бродови крај Западниот брег. Предупредувањето, врз основа на разузнавачки информации собрани од почетокот на февруари, беше испратено до локалните власти кон крајот на минатиот месец, објави „Еј-би-си њуз“.
„Според информациите што ги добивме неодамна, Иран наводно имал намера да изврши изненадувачки напад со беспилотни летала од неидентификуван брод крај брегот на Соединетите Американски Држави од почетокот на февруари 2026 година“, се наведува во билтенот, кој го виде „Еј-би-си њуз“.
„Нападот би бил насочен кон неодредени цели во Калифорнија и би бил извршен во случај на американски напади врз Иран. Немаме дополнителни информации за времето, методот, целта или сторителите на овој наводен напад.“
Предупредувањето доаѓа во контекст на воените акции на администрацијата на Трамп против Исламската Република, на кои Иран веќе одговори со напади со беспилотни летала врз цели низ Блискиот Исток.
Канцеларијата на ФБИ во Лос Анџелес одби да коментира, додека Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Американските разузнавачки претставници, исто така, изразија загриженост во последните месеци за зголемената употреба на беспилотни летала од страна на мексиканските нарко картели. Постојат стравувања дека технологијата би можела да се користи за напад врз американските сили и персонал во близина на мексиканската граница.
„Непотврден извештај покажува дека неидентификувани водачи на мексикански картели одобриле напади со беспилотни летала натоварени со експлозиви против американските безбедносни сили и воениот персонал по должината на границата меѓу САД и Мексико“, се вели во билтенот од септември 2025 година.
Во документот се додава дека „овој вид напад врз американски персонал или интереси во САД би бил без преседан, но тоа е веројатно сценарио, иако картелите обично избегнуваат дејствија што би привлекле несакано внимание или одговор од американските власти“.












