понеделник, јули 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ФАО предупредува: Светот има уште шест месеци за да избегне нова прехранбена...

ФАО предупредува: Светот има уште шест месеци за да избегне нова прехранбена криза

33

Светот има уште шест месеци за да избегне нова прехранбена криза, предупредува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО, поради зголемените тензии на Блискиот Исток и можните последици од затворањето на Хормускиот Проток.

Според ФАО, евентуален прекин или сериозно нарушување на сообраќајот низ Хормускиот Проток во следните шест до 12 месеци може да предизвика глобален раст на цените на храната, преку нарушување на синџирите за снабдување со енергенси и со ѓубрива.

Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, предупредил дека државите мора итно да работат на зголемување на отпорноста на своите економии за да се намалат последиците од евентуален нов глобален шок.

Хормускиот Проток е една од најважните светски трговски маршрути преку кои поминува голем дел од глобалната трговија со енергенси и со суровини. Секое поголемо нарушување на транспортот веднаш ги зголемува цените на енергијата, а со тоа и трошоците за земјоделско производство.

ФАО предупредува дека кризата би можела да се развива во неколку фази: прво раст на цените на енергијата, потоа поскапување на ѓубривата и семињата, намалени приноси, раст на цените на земјоделските суровини и на крај, силна инфлација кај храната.

Првите сигнали веќе се видливи. Индексот на цените на храната на ФАО во април пораснал трет месец по ред, најмногу поради повисоките трошоци за енергија и нарушувањето поврзано со конфликтите на Блискиот Исток.

Најголем ризик, според Организацијата, им се заканува на посиромашните држави во Азија, Африка и во Латинска Америка, кои зависат од увозот на азотни ѓубрива од Блискиот Исток, додека значителен дел од населението и сега троши најголем дел од приходите за храна.

Предупредувањето на ФАО доаѓа во момент кога Европската комисија подготвува нова стратегија за ѓубривата и за безбедноста на снабдувањето со храна. Брисел засега се фокусира на долгорочни мерки, како рециклирање на земјоделскиот отпад и природните ѓубрива, но избегнува побрзи чекори што веднаш би ги намалиле трошоците за европските земјоделци.

ФАО затоа ги повикува владите итно да обезбедат алтернативни трговски маршрути, да ги избегнат забраните за извоз на храна и да ги заштитат хуманитарните синџири на снабдување за да се спречи нова глобална прехранбена криза.

 

ИЗДВОЕНИ