Рускиот претседател Владимир Путин, наводно, во приватни разговори се согласил со идејата Украина, по завршувањето на војната, да добие безбедносни гаранции од САД и Европа, по моделот на Членот 5 од НАТО.
Сепак, тој поставил клучен услов – на украинска територија да не бидат стационирани сили на Алијансата. Оваа информација, повикувајќи се на извор близок до преговорите, ја објави колумнистот на „Вашингтон пост“, Дејвид Игнатиус.
Членот 5 од Северноатлантскиот договор е темелниот принцип на колективна одбрана на НАТО, според кој вооружен напад врз една членка на Алијансата се смета за напад врз сите членки. Ова ги обврзува земјите-членки да ѝ пружат помош на нападнатата држава, вклучително и преку употреба на воена сила.
Во контекст на преговорите за Украина, гаранциите засновани на овој член би значеле дека САД и европските земји се правно обврзани да ја бранат Украина доколку Русија повторно ја нападне – иако Украина формално не би станала членка на НАТО, ниту пак сојузнички сили би биле распоредени на нејзина територија во мирнодопски услови.
Според истиот извор, договорот би вклучувал укинување на санкциите против Русија, при што тие автоматски би биле повторно воведени доколку Москва започне со групирање војници за нов напад.
Како одговор на противењето на Путин за присуство на бази на НАТО, американската страна предложила повлекување на руската армија од границата веднаш по потпишувањето на примирјето. Доколку руските сили започнат офанзива, силите на НАТО би биле распоредени во Украина без одлагање.
Американските и европските претставници, исто така, разговарале за механизми за следење на спроведувањето на договорот, како и за процедури за брза размена на разузнавачки податоци во случај на напад. Извор наведува дека Џаред Кушнер, специјален пратеник на американскиот претседател, му упатил предупредување на Путин: „Ова започна како војна со Украина. Сега, ова е посредничка војна (proxy war) со Европа“.
Каква е моменталната состојба со преговорите? На 14 и 15 ноември во Берлин се одржа нова рунда разговори за мировен план. На нив учествуваа претставници од Украина, САД и Европа, кои разговараа за различни теми, вклучително и за чувствителни територијални прашања и безбедносни гаранции.
„Волстрит џурнал“ пренесува дека САД ѝ нудат на Украина правно обврзувачки безбедносни гаранции, моделирани според членот 5 од Договорот на НАТО, но без формално членство во Алијансата. Според извори на весникот, Вашингтон ја нуди оваа заштита од каква било идна агресија во обид да поттикне напредок во преговорите.Русија претходно го оцени американскиот предлог за безбедносни гаранции во стилот на НАТО како неприфатлив. Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека Украина останува цврсто посветена на тоа да стане полноправна членка на НАТО. Тој додаде дека моделот на безбедносни гаранции заснован на членот 5 за него покренува многу прашања.












