Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ (Financial Times) во неделата објави дека поранешниот српски претседател Александар Вучиќ „лично вршел притисок врз функционери да ги отстранат пречките за изградба на хотел на Трамп во центарот на Белград“.
„Фајненшел тајмс“ (ФТ), го темели ова на документи и сведоштва што ги разгледал, истакнувајќи дека информациите откриваат „до каде бил подготвен да оди овој соборен автократ за да ја обезбеди реализацијата на проект за недвижнини зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател“.
Весникот пишува дека планот за уривање и повторна изградба на бомбардираната зграда на Генералштабот во Белград станал „катализатор за студентските протести насочени против сè поавторитарното владеење на Вучиќ“.
ФТ наведува дека тоа придонело за „поразот на Вучиќ на изборите минатиот месец“.
Весникот известува дека имал увид во претходно необјавен, целосен инвестициски договор, како и во сведоштво на клучен сведок, кои укажуваат на тоа дека функционерите дејствувале под директен притисок од Вучиќ за да ги отстранат правните пречки за проектот – вклучително и статусот на локацијата како заштитено културно добро.
Во извештајот се цитира изјава на Дубравка Ѓукановиќ, поранешна директорка на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, која тврди дека Вучиќ „лично ја навредил“ – нарекувајќи ја неа и нејзините колеги „незнајковци“ – и им наредил да „преземат одговорност“ и да ги отстранат пречките за проектот. Ѓукановиќ за ФТ изјавила дека „целата ситуација беше непријатна, како и сознанието дека претседателот или не ја познава правната процедура, или едноставно не е заинтересиран за неа“.
ФТ пренесува дека изјавата на Ѓукановиќ сугерира оти „српската влада во заминување и американските инвеститори – поддржани од Кушнер – соработувале повеќе од една година, и покрај сè поголемите правни загрижности во врска со проектот“.
Во написот се наведува дека во понеделникот Србија официјално го раскинала инвестицискиот договор со „Атлантик инкубејшн партнерс“ (Atlantic Incubation Partners), американска инвестициска фирма зад која стои Кушнер, а која се повлекла од проектот кон крајот на минатата година. „Фајненшел тајмс“ пишува дека зградата на Генералштабот, завршена во 1965 година, претставувала значаен пример за југословенската модернистичка архитектура – сè додека не била „делумно уништена од американски воени авиони за време на бомбардирањето на Белград од страна на НАТО во 1999 година, претворајќи ја во симбол на пркос кон Западот“.
Во текстот се спомнува средба од 2020 година меѓу пратеникот на Трамп, Ричард Гренел, и Вучиќ, при што Гренел нагласил дека секој развој на проектот мора да биде „во согласност“ со неговиот утврден статус на културно наследство.
Според „Фајненшел тајмс“, проектот добил замав по средбата меѓу Кушнер и Вучиќ на маргините на Светскиот економски форум во Давос во 2023 година. „Во текот на следната година, Вучиќ и неговиот министер за финансии, Синиша Мали, одржале неколку состаноци на кои вршеле притисок врз службениците одговорни за заштита на културното наследство, барајќи од нив да го укинат заштитениот статус на локацијата“, наведува Ѓукановиќ, според пишувањето на „Фајненшел тајмс“.
Во нејзиното сведочење, како што се наведува понатаму во извештајот, стои дека „на состанокот било кажано оти постојат само две опции: или да се започне [постапката за укинување на заштитните мерки] или да се поднесе оставка“.
На еден од следните состаноци, Мали го повторил ултиматумот, по што Ѓукановиќ – заедно со еден колега – поднела оставка, се додава во извештајот.
„Фајненшел тајмс“ пишува дека случајот предизвикал студентски протести; подоцна, во ноември 2025 година, Српската напредна странка (СНС) на Вучиќ протуркала посебен закон со кој се укинува заштитениот статус на локацијата, што довело до нови демонстрации.
Во текстот исто така се наведува дека министерот за култура Никола Селаковиќ е обвинет за злоупотреба на службената положба, а обвинителството поднело пријава и против Горан Васиќ – наследникот на Дубравка Ѓукановиќ – за наводно фалсификување документи со цел да се оправда укинувањето на заштитата на културното наследство.
По овие две обвиненија, Кушнер се откажал од проектот, се додава во текстот.
„Фајненшел тајмс“ забележува дека „скандалот околу зградата на Генералштабот го засилува вниманието врз соработниците на Трамп, кои склучуваат договори врз основа на политички врски низ Балканот – од енергетски проекти во Босна, па сè до контроверзни градежни потфати на албанскиот брег“. „Сепак, Србија нуди особено впечатливи докази за политичко влијание, вршено во корист на инвеститори поврзани со семејството Трамп“, се додава во текстот.
„Фајненшел тајмс“ (FT) додава дека поразот на Вучиќ на предвремените парламентарни избори на 25 октомври „го забрза растурањето на неговата политичка мрежа, при што властите ја затворија ’Алта банка‘ – која беше поврзана со режимот – и го уапсија нејзиниот сопственик, како и полициски началници кои му беа лојални нему“.
Вучиќ не негираше дека работел на промовирање на проектот за Генералштабот и дека вршел притисок врз владини претставници, наведувајќи дека е нормално еден претседател да постапува на таков начин, заклучува „Фајненшел тајмс“.
Кон средината на октомври, британскиот весник „Гардијан“ објави „ексклузивен извештај“ во кој се открива дека Вучиќ, во својство на претседател на Србија, лично интервенирал за да ги протурка плановите за изградба на контроверзната „Кула Трамп“ во Белград.
Под насловот „Тајната улога на српскиот претседател во недозволени обиди за помош на бизнисот на Трамп“, весникот известува дека „авторитарниот владетел на Србија“ лично интервенирал за да протурка наводно незаконски план за отстапување на заштитена локација во Белград, наменета за изградба на „Кулата Трамп“.












