понеделник, ноември 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од 19 до минус 6 степени: Се менува времето во Македонија –...

Од 19 до минус 6 степени: Се менува времето во Македонија – стигнуваат силен ветер, дожд и снег

1

Македонија влегува во период на променливо и нестабилно време, со обилни врнежи од дожд, силен ветер и продор на постудена воздушна маса која ќе донесе и снег на планините. Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), особено внимателни треба да бидат граѓаните во западните делови од земјава, каде што ветерот повремено ќе надминува 70 километри на час.

За денеска, УХМР најавува облачно време со пообилни врнежи од дожд, кои локално ќе надминат 30 литри на квадратен метар. На повисоките места врнежите ќе бидат од дожд и снег, додека на планините ќе паѓа снег.

Врнежите во текот на ноќта најпрво ќе започнат во западните делови, а потоа ќе се прошират насекаде низ земјава. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, кој повремено ќе достигнува и над 70 километри на час. Ветерот ќе биде особено изразен долж Повардарието.

УХМР за понеделник има издадено портокалово ниво на предупредување поради силниот ветер, особено во западните делови од земјава.

Минималните температури ќе се движат од 2 до 9 степени, додека максималните ќе достигнат од 11 до 19 степени. Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од дожд и слаб до умерен ветер.

Во вторник и среда утрински минусни температури

По нестабилниот понеделник, во вторник се очекува сончево и постудено време со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Утринските температури ќе се спуштат до минус 4 степени, а дневните ќе се движат од 6 до 14 степени.

Уште постудено ќе биде во среда, кога се очекува најниската утринска температура во овој период, која на одделни места ќе достигне и до минус 6 степени. Времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а наутро ќе има услови за појава на магла.

Кон крајот на денот во западните делови повторно се очекуваат врнежи од дожд, додека на планините ќе паѓа снег. Максималните температури ќе бидат од 8 до 14 степени.

Од четврток нов циклон носи дожд и снег

Во четврток преку денот времето привремено ќе биде постабилно, суво и потопло, со умерен до засилен, а наместа и повремено силен ветер од јужен правец.

Но, стабилизацијата ќе биде краткотрајна. Од вечерните часови нашето подрачје повторно ќе потпадне под влијание на циклонска активност, која ќе донесе нов период на нестабилно и постудено време со локални врнежи од дожд.

Пообилни врнежи се очекуваат во петок, кога ќе има услови и за ретки грмежи. Поради продорот на постудена воздушна маса, на планините и на некои од повисоките места дождот ќе преминува во снег.

Според прогнозата, Македонија во наредните денови ја очекуваат значителни промени на времето – од силен ветер и обилни врнежи, преку утрински температури под нулата, до нови врнежи од дожд и снег кон крајот на неделата.

ИЗДВОЕНИ