недела, јуни 7, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Европските хотелски синџири прекинаа со работа во одморалиштата во Куба поради ултиматумот...

Европските хотелски синџири прекинаа со работа во одморалиштата во Куба поради ултиматумот од САД

0
EPA/Ernesto Mastrascusa

Главните европски хотелски синџири „Мелија“ и „Иберостар“ ги прекинаа операциите во одморалиштата во Куба поради американскиот ултиматум дека сите компании што работат со кубанскиот воено-економски конзорциум „Гаеса“ ќе бидат погодени од трговските и финансиските санкции на Вашингтон по 5 јуни, објавува италијанскиот весник „Ил соле 24 оре“.

Според италијанскиот бизнис весник, станува збор за 15 хотели на шпанскиот синџир „Мелија“ и 12 хотели на шпанската глобална туристичка мрежа „Иберостар“, што сериозно ја погоди кубанската економија, која веќе се урива поради целосен недостаток на увезена нафта.

Неколку медиуми во ЕУ објавија дека Куба, чиј речиси единствен извор на девизи е туризмот (и која веќе е погодена од драстичен недостиг на енергија, храна и лекови, масовни прекини на електричната енергија и прекин на услугите во болниците), е доведена на работ на опстанок.

„Il sole 24 ore“ во извештај од Хавана укажува дека санкциите на САД се насочени кон клучниот кубански воено-економски конгломерат „Гаеса“, со кој западните хотелски синџири во туристичките центри соработуваат, кој пак добива вредна странска валута и решително одлучува за политиката и економијата на Куба.

Главното влијание во активностите на „Гаеса“ го има поранешниот претседател, генерал Раул Кастро, против кого американското обвинителство издаде обвинение и барање да се појави на суд во Флорида, за наредба за соборување на два цивилни авиони со четири американски државјани на работ на кубанскиот воздушен простор (во 1990-тите).

Претседателот на САД, Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека САД имаат намера да влијаат на промената на политичкиот поредок и начинот на управување со економијата на Куба, бидејќи веруваат дека „кубанската комунистичка влада е неспособна да ги направи потребните промени“ и со тоа да ја извлече земјата од нејзиниот долгогодишен колапс.

Шпанскиот весник „Паис“ проценува дека Вашингтон, кој пред многу години воведе економска и трговска блокада на Куба, сега верува дека „кубанското политичко раководство ќе биде притиснато на ѕид“ и ќе мора да прифати промени во политичкиот и економскиот систем.

Раул Кастро, опкружен со врвни кубански функционери, се појави на митинг во Хавана, а претседателот Мигел Дијаз-Канел му рече на Вашингтон дека Куба ќе ги искористи сите средства за да се спротивстави на обидот на САД да ја потчини земјата.

Трамп потоа изјави дека „ќе направиме кратка пауза во Куба по враќањето од Иран“.

„Имаме некои многу добри планови за Куба и верувам дека мора да се ослободиме од режимот таму, кој беше многу суров, а сега нема пари“, заклучи американскиот претседател.

ИЗДВОЕНИ