Младинскиот културен центар, на 17 јуни (20 часот), во галеријата во рамките на објектот, ќе го реализира третото издание на изложбата „Професори и студенти“. Суштината на оваа групна изложба на дела на професори и студенти од уметничките факултети и школи во Македонија, е да даде слика на различните академски програми што тие ги нудат и да го покаже менторскиот однос помеѓу професорот и студентот. Оваа изложба дава придонес кон развојот на културната и ликовната свест во нашата држава и опфаќа разни дискурси што ја дефинираат современата уметност, каде што секој уметник или дизајнер придонесува со својата лична визија.
Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет и овој пат ќе се претстави со дела на професори и студенти, креирани во различни уметнички медиуми и дисциплини. Учествуваат: проф. д-р Гордана Вренцоска со Ана Камчева и Петар Новковски, проф. д-р Јана Манева-Чупоска со Елена Стојанова и Ана-Марија Матх, проф. м-р Благојче Наумоски со Меланија Стојанова и Исабелле Спасевска, проф. м-р Страхил Петровски со Петар Паунов и Стефанија Владева, aсс. м-р Славица Танеска со Евгенија Далческа и Меланија Јанковиќ, како и надв. соработници м-р Александар Рашковиќ со Марија Роглева и Ангела Трајковска и м-р Ана Трајковска со Анет Вртеска.
Инаку, учесници на изложбата се повеќе од 50 професори и студенти од осум важни високообразовни институции во Македонија.
„Учесниците се претставени со дела изработени во различни уметнички техники, вклучувајќи сликарство: масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација. Ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност. Дополнително, тоа и е јасен показател за мултидисциплинарниот карактер на современото уметничко образување во Македонија, кое ги охрабрува студентите да се вклучат во уметничкиот дискурс со различните традиционални и современи уметнички форми и медиуми“, вели проф. Кирил Пенушлиски.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јуни.