Велика Британија планира голема мобилизациска вежба на воените ветерани, како дел од подготовките за можна војна.
Ова го потврди министерката за одбрана, Луиз Сандер-Џонс, откривајќи дека вежбата ќе се одржи следната година, како дел од поширока операција со која се тестира отпорноста на војската на Обединетото Кралство. Велика Британија има околу 95.000 пензионирани војници во резерва што ќе бидат повикани во акција, „во обем што не сме го виделе долго време“, нагласи министерот.
Планираната воена вежба доаѓа во време кога расте загриженоста во Велика Британија дека може да биде вовлечена во конфликт со Русија до 2030 година. Москва веќе се закани дека ќе ги нападне британските фабрики што произведуваат дронови за Украина. Западните разузнавачки претставници, исто така, предупредија за можни провокации што ги подготвува Владимир Путин.
Британската Влада предводена од Енди Бернам ги намали трошоците за одбрана, а владините мерки веќе доведоа до откажување на обуката за некои војници, додека некои вежби се суспендирани за да се заштедат пари.
Не е објавено колку резервисти ќе бидат „собрани“ за вежбата, но се очекува таа да покаже колку успешно може да се активираат ветераните во време на криза.
Министерката Сандер-Џонс во понеделникот нагласи дека стратешката воена резерва е обврска за оние што припаѓаат на неа и дека, како дел од вежбите следната година, ќе поминат низ мерки за повикување, користење, опремување и сите други процедури што ќе покажат како е правилно искористен потенцијалот на резервистите.












