Уште во 2022 година, Европол предупреди дека за нелегалниот бизнис со отпад криминалците користат легални компании, а Канцеларијата на ОН за дрога и криминал – УНОДЦ неодамна предупреди дека отпадот завршува во земји со благи казни, кои може да бидат значително помали од профитот остварен од само една нелегална пратка електронски отпад
Жителите на Госпиќ се исплашени за своето здравје, а целата хрватска јавност се крена на нозе откако минатата недела се дозна дека илегално се истоварени 37.000 тони опасен отпад во Лика.
Овој случај денеска влезе во хрватското Собрание, на вонредна седница што треба да продолжи и утре, откако цела недела опозицијата и експертите дебатираа за степенот на загадување, методот на санација, но и способноста на хрватскиот систем да отстранува големи количини опасен отпад воопшто. Според достапните податоци, на локацијата има околу 37.000 тони нелегално закопан и расфрлан отпад, а случајот го истражуваат УСКОК и Европското јавно обвинителство. Експертите утврдија загадување на животната средина, додека меѓу пронајдените материјали има медицински отпад, остатоци од преработка на електронски отпад, пластика и отпадно гориво, објави „Јутарњи лист“.
Овој проблем добива пошироки рамки ако се знае дека не станува збор за изолиран случај. Уште во 2022 година, Европол предупреди дека криминалните мрежи сè повеќе го насочуваат отпадот од Западна Европа кон Централна и Источна Европа. Притоа, криминалците користат легални компании за нелегалниот бизнис со отпад, а Канцеларијата на ОН за дрога и криминал – УНОДЦ неодамна предупреди дека отпадот завршува во земји со благи казни.
Во годината за која хрватските истражители се сомневаат дека почнал да пристигнува опасниот отпад во областа Лика, токму во таа 2022 година, Европол објави процена на заканата од еколошки криминал во Европската Унија, врз основа на долгогодишно следење на криминалните групи што дејствуваат на штета на животната средина. Неговиот извештај предупреди дека криминалните мрежи во ЕУ сè повеќе ги имаат како цел Централна и Источна Европа, како дестинација за нелегалниот отпад произведен во Западна Европа. Надвор од Европската Унија, европските трговци со отпад, според Европол, главно, ја имаат како цел Југоисточна Азија како дестинација за нелегалниот пластичен отпад и бродовите со отпад и Африка за отпадната електрична и електронска опрема. Европол, исто така, предупреди за начинот на дејствување на оние што фрлаат отпад спротивно на законот. Голем дел од еколошкиот криминал се одвива преку легални претпријатија, поради што ваквите злосторства се помалку видливи. Бизнисите често се отвораат и затвораат брзо, а трговските патишта се менуваат, што ги покажува приспособливоста на криминалните мрежи и нивната тенденција да користат нови начини за прикривање на бизнисот.
УНОДЦ дојде до слични заклучоци како Европол, но подетално ги опиша начините на кои се крие нелегалниот отпад во рамките на легалните текови. Неговата студија, презентирана оваа година во Виена, покажува дека организираните криминални групи, како и корпорациите, ја користат корупцијата за да го скријат нелегалниот отпад во рамките на легалните текови на отпад и ги заобиколуваат регулаторните проверки со измама и коруптивни практики. Ваквите активности може да вклучуваат измама со документи, изнудување, кражба, проневера на јавни средства, злоупотреба на службената должност и перење пари, пишува „Индекс“. Трошокот за нелегалното фрлање или трговија со отпад може да биде значително понизок од цената на услугите за легално отстранување и управување со отпад, создавајќи силен финансиски поттик за кршење на прописите. Студијата откри дека низ целиот свет се случува нелегално фрлање, горење, преместување, транспорт и отстранување отпад. Кога се тргува со отпад, оној што е најскап за отстранување, често се преместува од региони со високи приходи во региони со ниски приходи. УНОДЦ, исто така, предупредува за јасната економска пресметка на таквиот криминал. Сторителите честопати ги имаат како цел земјите каде што може казните за нелегална трговија со отпад да бидат значително помали од профитот остварен од само една нелегална пратка електронски отпад.












