Јужна Кореја проценува дека Северна Кореја има помеѓу 80 и 120 нуклеарни боеви глави, изјави денеска јужнокорејскиот министер за одбрана Ан Гју-бак, наведувајќи бројка поголема од проценката на американскиот претседател Доналд Трамп. Американскиот претседател, ден претходно изјави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун поседува 57 „многу моќни нуклеарни оружја“.
Ан ги даде овие забелешки за време на парламентарната седница откако Трамп во среда изјави дека Северна Кореја има 57 „многу моќни“ нуклеарни оружја и рече дека можеби ќе се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун подоцна оваа година, објави Јонхап.
„Обично мислиме дека Северна Кореја има околу 80 до 120 нуклеарни оружја, но јас сум многу воздржан кога е станува збор за прецизни бројки“, им рече Ан на пратениците.
На прашањето за тврдењето на Трамп дека Ким поседува 57 нуклеарни боеви глави, Ан рече дека „бројките се разликуваат донекаде“.
Јужна Кореја традиционално избегнува јавно објавување детални проценки за нуклеарниот арсенал на Северна Кореја и, во согласност со својата долгогодишна политика за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, официјално не го признава Пјонгјанг како држава со нуклеарно оружје.
Тој одби да коментира дали споменувањето на 57 нуклеарни боеви глави од страна на Трамп значи дека САД го признаваат нуклеарниот статус на Северна Кореја.
Ан, исто така, рече дека Јужна Кореја ќе продолжи да се потпира на американскиот нуклеарен чадор, во согласност со нејзината политика да не поседува нуклеарно оружје.
„Не можеме да развиваме нуклеарно оружје. Ниту пак треба да прифатиме распоредување на американско тактичко нуклеарно оружје“, рече тој.












