Побарувачката за електрична енергија во светот продолжува да расте, главно, поради индустрискиот развој и технолошкиот бум, покажува најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија. Обновливите извори, особено сонцето и ветрот, бележат силен раст и во некои региони веќе се произведува струја повеќе од фосилните горива. Додека Европската Унија забрзано преоѓа кон „чиста“ енергија, во Македонија и натаму доминира производството од јаглен. Професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет во Скопје предупредува дека идните движења на пазарот ќе зависат од технологијата, но и од геополитичките одлуки
Светот троши сè повеќе струја поради побарувачката од индустријата за производство и технолошкиот бум. Центрите за податоци, електричните автомобили и новите системи за греење веќе сериозно ја менуваат глобалната енергетска слика. Најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (IEA) покажува дека глобалната побарувачка за енергија во 2025 година пораснала за 1,3 проценти, што е помалку од претходната година, кога изнесуваше два проценти.
Професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет во Скопје вели дека причините се различни. Според него, во некои делови на светот има побавна индустриска активност, а истовремено попријатните температури ја намалиле потребата од ладење. Тој посочува дека Кина и натаму е мотор на растот на потрошувачката на енергија, поради сè поголемиот индустриски раст што се случува во најбројната земја во светот, додека во САД силно расте потрошувачката на струја за центрите за податоци.
Анализата на IEA на која се повикува Цицонков покажува дека има раст на сончевата енергија и тоа го радува Цицонков, бидејќи станува збор за „чиста“ енергија произведена од фотоволтаици и првпат ја надминуваат енергијата од природниот гас и нафтата. Професорот вели дека „тоа е значаен пресврт и досега немало вакво нешто“.
Во Европската Унија, пак, сончевите и ветерните електрани веќе произведуваат повеќе струја отколку фосилните горива. Според податоците, нивниот удел во 2025 година достигнал околу 30 проценти.
Но, додека Европа забрзано се префрла на обновливи извори, Македонија и понатаму, главно, се потпира на јагленот. Речиси половина од домашното производство на електрична енергија доаѓа од термоелектраните, пред сè од РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Хидроцентралите и натаму имаат важна улога, а соларниот сектор бележи најбрз раст. Само лани во земјава биле пуштени околу 115 мегавати нови фотонапонски капацитети. Сепак, државата останува зависна од увоз, особено во зима, кога расте потрошувачката за греење. Најголеми потрошувачи на струја и понатаму се домаќинствата.
Цицонков предупредува дека геополитичките случувања ќе продолжат силно да влијаат врз цените и енергетските пазари.
– Во следниот период, големо влијание ќе имаат електричните возила, топлинските пумпи и новите центри за податоци. Но, ќе влијае и политиката на САД кон климатските прашања и фосилните горива – вели тој.
(С. Бл.)












