Власта уверува дека Македонија е подготвена за претстојната грејна сезона и дека граѓаните нема да почувствуваат нов енергетски удар. Премиерот Христијан Мицкоски најавува стабилно снабдување со енергенти и уверува дека цената на струјата од јануари нема да се зголеми, а можно е и поевтинување. Како главни адути ги посочува поволната хидролошка состојба, ремонтите на термоцентралите и договорот за косовски јаглен, додека кај гасот и нафтените деривати се повикува на резервите и владините мерки.

Венко Филипче, лидерот на СДСМ, предупредуваше дека следува нов бран поскапувања и ја обвини Владата дека создава нереална слика за економската состојба. Филипче вчера изјави дека секторот лошо се менаџира и се бележи пад во домашното производство. Тој очекува поскапување и на струјата и на парното

 

Премиерот Христијан Мицкоски повторно уверува дека Македонија ја очекува мирна и стабилна зима – ќе има доволно енергенти, струјата нема да поскапи, а државата, како што вели, е подготвена да ги амортизира евентуалните удари од европскиот енергетски пазар.

– Сакам да ги уверам граѓаните дека ќе имаме стабилна зима, со стабилно снабдување на енергенти, без осцилации во цената или количината – порача Мицкоски.

Според премиерот, Владата работи на тоа цената на електричната енергија од јануари да остане иста, а се разгледува и можноста таа да се намали или да се продолжи евтината тарифа. Уште во април, Мицкоски уверуваше дека „нема да има поскапување на цената на електричната енергија за граѓаните“, а во август порача дека Владата не размислува за поскапување, туку за поевтина струја или продолжување на евтината тарифа.

На прв поглед, сметката на Владата е едноставна – повеќе домашно производство, помала зависност од увоз и, со тоа, помал ризик за цената што ја плаќаат граѓаните. Мицкоски како аргумент ги посочува водните акумулации, кои според него се на високо ниво, ремонтите на термоенергетските постројки, како и договорот со Косово за обезбедување јаглен за домашните термоцентрали.

ЕСМ склучи тригодишен договор за експлоатација на околу три милиони тони јаглен со косовската КЕК. Од компанијата посочија дека договорот треба да обезбеди дополнително производство на електрична енергија и заштеди во однос на набавката на електрична енергија од странство. Владата токму тука гледа простор за пониски трошоци. Ако ЕСМ произведува повеќе струја дома, логиката е дека ќе има помала потреба од скап увоз кога цените на европските берзи се високи.

Ама работата не е баш толку проста. Не е доволно само да кажеш дека јагленот е евтин. Тој јаглен треба да се ископа, да се транспортира до Македонија, да се преработи и со него да се произведе електрична енергија. Енергетските експерти веќе предупредуваа дека транспортот на косовскиот јаглен може да биде значаен трошок и дека крајната цена не може да се гледа само преку цената на еден тон јаглен.

Слична е приказната и со водата. Полни акумулации се добра вест, но никој не може однапред да знае колку вода ќе остане по неколку месеци, особено ако зимата биде посува или ако производството од хидроцентралите биде поголемо од планираното.

Во приказната се вмешани и европските цени на гасот и нафтата. Мицкоски вели дека не очекува сериозен удар врз Македонија, иако прогнозира дека цената на гасот во Европа би можела да порасне двојно, па дури и тројно.

– Македонија не е голем консумент и со оглед на технологијата, не очекувам какви било шокови – рече премиерот, објаснувајќи дека когенеративната постројка Те-То истовремено произведува топла вода и електрична енергија, со што дел од повисоките трошоци можат да се амортизираат.

За нафтените деривати, пак, Мицкоски потсети дека веќе се преземени мерки преку прогласената кризна состојба и донесените пониски акцизи. Мицкоски тврди дека токму поради овие мерки бензините во Македонија се и до половина евро поевтини за литар во споредба со соседните земји.

Премиерот уверува и дека државните резерви се на солидно ниво, продуктоводот „Вардакс“ е полн, а увозниците велат дека има доволно количество нафтени деривати.

– Во овој момент, не гледам можност и причина за стравување во текот на зимата – порача Мицкоски, додавајќи дека неговата загриженост е повеќе за тоа „до кога сето ова ќе трае“, бидејќи, како што вели, никој во светот не може да даде одговор.

Додека власта се обидува да испрати порака дека државата има доволно производство и резерви и дека нема да дозволи нов енергетски удар врз граѓаните, опозицијата, пак, има сосема друга сметка. Венко Филипче, лидерот на СДСМ, предупредуваше дека следува нов бран поскапувања и ја обвини Владата дека создава нереална слика за економската состојба. Филипче вчера изјави дека секторот лошо се менаџира и се бележи пад во домашното производство. Тој очекува поскапување и на струјата и на парното.

(С. Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ