| Стотици нелегални лаборатории и нови хемиски формули ја зголемуваат опасноста, ЕУДА со сериозно предупредување |
Европа се соочува со забрзана појава на нови психоактивни супстанции, при што речиси секоја недела на пазарот се регистрира нов вид дрога, предупредува Европската агенција за дроги (ЕУДА). Само во текот на 2025 година биле откриени 50 нови супстанции, а најголем дел од нив ѝ припаѓаат на групата синтетички опијати, кои може да бидат смртоносни и во многу мали количини.
Според Европскиот извештај за дроги за 2026 година, под надзор на Агенцијата во моментов се наоѓаат повеќе од 1.000 нови психоактивни супстанции, меѓу кои и над 100 синтетички опијати. Голем број од нив биле речиси непознати на европскиот пазар пред само десетина години.
Особена загриженост предизвикува појавата на таканаречените „орфин“ опијати, нова група полусинтетички супстанции што почнаа брзо да се шират од 2024 година наваму. Досега се идентификувани девет вакви супстанции, а нивната употреба е поврзана со повеќе од 30 смртни случаи во Европа. Две од нив веќе се регистрирани во повеќе од десет европски држави и се предмет на забрзана процена на ризикот на ниво на Европската Унија.
Од ЕУДА предупредуваат дека пазарот на дроги се менува со исклучително брзо темпо, поттикнат од организираниот криминал, миграциските текови и од геополитичките промени. Воедно, Европа сѐ повеќе станува и центар за производство на синтетички дроги, со стотици нелегални лаборатории што функционираат на континентот.
– Предизвикот е во брзината со која се појавуваат новите супстанции. Секоја нова хемиска формула носи непознати ризици за здравјето на корисниците – предупредуваат од Агенцијата.
По проширувањето на своите надлежности во 2024 година, ЕУДА воведе нови механизми за рано предупредување, мрежа на форензички лаборатории и системи за брза анализа на ризиците. Целта е да бидат откриени и проценети новите супстанции пред да се прошират меѓу населението.
Во 2024 година, во Европската Унија биле регистрирани околу 7.600 смртни случаи поврзани со употребата на дроги. Иако овој број е значително помал од оној во Соединетите Американски Држави, каде што годишно умираат повеќе од 100.000 луѓе од последиците на опијатната криза, европските институции предупредуваат дека ризикот расте.
Повеќе од половина милион лица во ЕУ добиваат терапија со опијатни агонисти, додека лекот „налоксон“, кој се користи за спречување смртоносно предозирање, е достапен во 19 земји членки.
Сепак, експертите посочуваат дека подготвеноста на европските земји не е еднаква. Додека некои држави имаат развиени програми за намалување на штетите од употребата на дроги, други сѐ уште заостануваат во примената на превентивните и на здравствените мерки.
Новата Стратегија на Европската Унија за дроги за периодот 2026–2030 година предвидува засилени активности во областа на јавното здравје, безбедноста, намалувањето на штетите, меѓународната соработка и подготвеноста за нови закани.
Експертите оценуваат дека Европа влегува во период во кој синтетичките дроги ќе претставуваат еден од најголемите предизвици за здравствените и за безбедносните системи, а клучно ќе биде дали ќе успеат институциите да реагираат доволно брзо пред да станат новите супстанции широко распространета закана.












