Ниските нивоа на водата на главните европски реки, од Дунав до Рајна, предизвикаа сериозни прекини во превозот и транспортот на стоки, но исто така доведоа до дополнителен товар врз енергетскиот сектор, отежнувајќи ја работата на некои нуклеарни централи.
Рекордно ниските нивоа на водата на Дунав, резултат на долготрајна суша и топлотни бранови, ги принудија нуклеарните централи кои користат речна вода за ладење на своите реактори да го прилагодат своето работење, дополнително зголемувајќи го притисокот врз енергетскиот систем на регионот.
Нуклеарната централа Пакс во Унгарија, која обезбедува речиси половина од производството на електрична енергија во земјата, е погодена од рекордно ниски нивоа на водата на Дунав. Унгарскиот премиер Петер Маѓар претходно предупреди дека централата може да остане надвор од работа повеќе од еден месец.
Тој претходно изјави дека нуклеарната централа Пакш би можела целосно да престане да произведува електрична енергија за прв пат во својата 44-годишна историја ако нивото на водата во Дунав, кое беше на рекордно ниско ниво од минус 133 сантиметри, падне на минус 134 сантиметри.
Romanya'da Tuna Nehri'ndeki düşük su seviyesi nedeniyle Cernavoda Nükleer Santrali'ne su akışını artırmak amacıyla kontrollü patlatma gerçekleştirildi. pic.twitter.com/tzeAAzw9t3
— gdh (@gundemedairhs) August 3, 2026
Во исто време, романската армија вчера, во операција за време на која беа употребени 180 килограми експлозив, ја отстрани карпестата пречка „Парзоаја“ со цел да насочи поголем тек на Дунав кон нуклеарната централа Чернавода, поради екстремно ниското ниво на водата, објавија локалните медиуми.
Според официјалните лица, ова е исклучително тешка интервенција и прв ваков потфат од технички аспект, кој вклучуваше ангажирање на воени нуркачи и изведување на серија подводни детонации, откако претходните обиди во изминатите години беа неуспешни.
Новонастанатата ситуација со нивото на водата значи дека пловидбата на голем дел од Дунав е сериозно отежната или целосно суспендирана. Товарните бродови и реморкерите не можат да пловат со полн капацитет, додека комерцијалниот сообраќај речиси целосно запре на некои делови од Дунав во Унгарија и Србија. Дополнителни проблеми се илустрирани со неодамнешното насукање на туристичкиот брод „Викинг Улур“ на Дунав, чии патници беа евакуирани со помош на бугарската гранична полиција.
Во Германија, нивото на Рајна во близина на Келн достигна историски минимум од 67 сантиметри, а слични вредности беа забележани и на други мерни места, како што е во Дуизбург-Рурорт, каде што нивото на водата во Рајна падна на историски минимум од 153 сантиметри.
Во Холандија, поради падот на нивото на водата во Рајна, властите прогласија втора фаза од алармот за недостиг на вода, што е фазата пред прогласување криза. Надлежните служби се занимаваат со најефикасна распределба на достапните количини вода и задржување на свежа вода во системот, поради што се распоредени мобилни пумпи.
Долгорочната суша доведе до значителен пад на нивото на реките и езерата во Англија. Темза во близина на Рединг го забележа најниското ниво на вода откако започнаа евиденциите, додека околу 23 милиони луѓе во Англија и Велс се соочуваат со забрана за користење на своите црева за наводнување поради недостиг на вода.
Сепак, последиците од сушата не се чувствуваат само врз реките, туку и врз езерата. Езерото Бренец, на границата меѓу Франција и Швајцарија, кое во претходните години привлекуваше голем број туристи, оваа година речиси целосно пресуши поради долготрајна суша.
Нивото на водата на Дунав продолжува да опаѓа
На 2 август, нивото на водата на Дунав кај Бездан беше забележано на минус 159 сантиметри, кое следниот ден падна на минус 162 сантиметри, што е нов историски минимум, а прогнозите покажуваат дека нивото на реката ќе продолжи да опаѓа во наредните денови.
Метеоролозите најавуваат дека врвот на топлотниот бран во Србија се очекува од 5 до 8 август, што дополнително би можело да влијае на падот на нивото на водата.
Републичкиот штаб за вонредни ситуации вчера одржа состанок на кој се дискутираше моменталната хидролошка и метеоролошка состојба, последиците од историски нискиот водостој на Дунав, како и мерките за ублажување на влијанието на најавениот долгорочен топлотен бран.












