среда, јули 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Еврокомесарката Кос и премиерот Мицкоски со иста цел, но со различни патишта...

Еврокомесарката Кос и премиерот Мицкоски со иста цел, но со различни патишта до Брисел 

1
Брисел останува на уставните измени, Скопје на принципите. Посетата на еврокомесарката Марта Кос уште еднаш покажа дека, и покрај позитивните оценки за реформите и поддршката за европската перспектива на земјата, Брисел останува на ставот дека без исполнување на преземените обврски нема да има формално отворање на пристапните преговори. Премиерот Мицкоски повтори дека Владата продолжува да инсистира процесот да не биде оптоварен со нови билатерални условувања

 

Македонија има реална можност да биде следната земја од Западен Балкан што ќе стане членка на Европската Унија, но без усвојување на договорените уставни измени нема да има формално придвижување на пристапниот процес. Ова беше главната порака што еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја испрати по средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје. Додека Кос повторно ја истакна потребата од исполнување на преземените обврски, Мицкоски порача дека европската интеграција мора да се темели на јасни критериуми, а не на билатерални условувања.

Еврокомесарката повика на политички консензус за исполнување и на преостанатите обврски, како што е Изборниот законик, за да може државата целосно да го искористи моментумот во процесот на евроинтеграциите.

– Имавме мошне продуктивна средба со премиерот, и во текот на денот ќе се сретнам и со претседателот на собранието, со претставници на граѓанското општество, и секако, со младите. Во срцевината на пристапниот процес, секако, се наоѓаат реформите за кои зборувавте и за конкретните придобивки за граѓаните, подобрени услуги за јавноста, подобрени можности за младите што ќе придонесат кон попросперитетна економија. Во таа насока, навистина гледаме охрабрувачки напредок уште од почетокот на годината, во реформската агенда и токму поради тоа сакаме да ја поздравиме зголемената посветеност на владата во напредувањето на оваа работа, рече Кос. Таа посочи дека Македонија се наоѓа меѓу најдобрите изведувачи, за тоа што е усогласеност со европските стандарди.

– И затоа Македонија се квалификуваше во групата земји на кои ќе им дадеме дополнителни средства за Планот за раст, и го дискутиравме ова навистина многу, ова не е толку очигледно. Може да дојдете до врвот, затоа што ги испорачувате очекувањата и навистина сум среќна што можам да ве уверам дека вашата земја се наоѓа токму во таа група.

Во однос на реформската агенда, Кос посочи дека 90 % е спроведено, додека остануваат уште 10 %, а тоа е Изборниот законик.

– Кога зборувам за реформите, би сакала да подвлечам дека реформите не се само работа на Владата, тие не се работа само на Собранието, тоа е национален проект каде што сите засегнати страни треба да бидат вклучени, особено Собранието, тоа е местото каде што се усвојуваат реформите, па затоа се надевам, со оглед на тоа дека спроведовте 90 % од 10 реформи што требаше да се исполнат до 15 јули, и тие последни 10 % се Изборниот законик, кој ќе биде усвоен. И тука ги повикувам сите страни за еднички меѓупартиски консензус за да може да имаме 100 % успех, и се надевам дека тоа ќе се случи, рече Кос.

Таа посочи дека граѓаните и компаниите во земјата веќе ги чувствуваат придобивките од приближувањето кон ЕУ, наведувајќи дека следуваат преговори за укинување на роамингот, нови можности преку програмата „Еразмус плус“, поврзување со европските иницијативи за вештачка интелигенција, пристап до европските програми за здравство и зајакнување на сајбер безбедноста.

– Полноправното членство ќе донесе уште поголеми придобивки, ќе донесе еднакви права и еднакви можности за вашите граѓани и за вашите бизниси, и уште поголема поддршка за изградба на инфраструктурата и помош за руралните региони. Но, откако ќе бидете полноправна членка, земјата навистина ќе добие многу повеќе. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добие трипати повеќе средства во финансиска помош од ЕУ отколку што добива сега. Веднаш ќе има придобивки, а ние истото го сакаме и за Северна Македонија, но усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување, изјави Кос. Еврокомесарката оцени дека Европската Унија до 2028 година би можела да добие нова земја членка од Западен Балкан и порача дека Северна Македонија треба да биде меѓу државите што ќе напредуваат најбрзо.

– Направивме многу повеќе отколку во претходните 15 години заедно. Има сериозни изгледи дека до 2028 година ЕУ ќе има уште една земја членка, а тоа е од територијата на Западен Балкан, а секако, Северна Македонија треба да биде меѓу оние што ќе се движат напред. Имате ваше место во Европската Унија како полноправна земја членка, и дозволете ни да работиме заедно. Вие, Владата, сите засегнати страни тука во Северна Македонија, и ние, Европската Унија, и јас лично со мојот тим, за да ги оствариме оваа мисија и визија и да станат реалност, порача Кос.

Мицкоски: Покажавме дека реформите не се декларативна определба, туку конкретна работа

Премиерот Мицкоски, нагласи дека Владата останува целосно посветена на реформите, но предупреди дека европскиот пат мора да биде предвидлив и да се темели на истите критериуми што важеле за сите земји кандидати.

– Изминатите две години Владата покажа дека реформите не се декларативна определба, туку конкретна работа што се мери преку резултати, економски показатели и создавање подобри услови за живеење на граѓаните, истакна премиерот Мицкоски, нагласувајќи ја заложбата на државата за внатрешните реформи, но и очекувањата од Брисел во однос на проширувањето.

– Нашата цел е изградба на функционални институции, посилно владеење на правото, поефикасна администрација, конкурента економија. Тоа не го правиме зашто некој го бара од нас, туку зашто веруваме дека е единствениот исправен пат. Во тој процес, ја цениме поддршката од ЕУ. Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес што се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес оптоварен со билатерални прашања, кои создаваат неизвесност и фрустрација кај македонските граѓани, рече Мицкоски.

Како што напомена тој, во овој контекст исклучително е важно да постои доверба дека целиот процес ќе продолжи според истите правила што важат за сите други кандидати и држави што биле кандидати.

– Нашата определба останува непроменета – ќе продолжиме со реформите, ќе ги зајакнуваме економијата, институциите и владеењето на правото. Остануваме доследни и на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано на заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна предвидлива европска перспектива – истакна премиерот.

Мицкоски повтори дека Владата ќе продолжи со реформите и со зајакнувањето на институциите, економијата и владеењето на правото, но останува на ставот дека секое трајно решение на патот кон Европската Унија мора да биде засновано врз почитување на националното достоинство и јасна европска перспектива.

Посетата на Марта Кос уште еднаш покажа дека, и покрај позитивните оценки за реформите и поддршката за европската перспектива на земјата, Брисел останува на ставот дека без исполнување на преземените обврски, нема да има формално отворање на пристапните преговори, додека Владата продолжува да инсистира процесот да не биде оптоварен со нови билатерални условувања. (Е. А.)

 

Нема рецепт за градење доверба

Прашањето како Северна Македонија да изгради доверба со Бугарија, која не ги признава македонскиот јазик и идентитет, ја обележа прес-конференцијата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во Скопје. Во одговорот, Кос рече дека довербата е темелот врз кој е изградена Европската Унија, но призна дека не постои универзален модел за нејзино создавање.

– Драго ми е што го поставивте прашањето за довербата, затоа што Европската Унија е изградена токму на довербата. Кога почна европскиот проект, довербата меѓу поранешните непријатели, како Франција и Германија, се градеше преку заедничка работа и создавање подобра иднина, наместо преку конфликти – рече Кос.

Таа истакна дека не може да ѝ кажува на Северна Македонија како да ги гради односите со соседите, но оцени дека поголемата доверба секогаш го олеснува пристапниот процес.

– Нема рецепт за градење доверба. Не сум јас таа што треба да ви дава совети како да изградите доверба со соседите. Но знам дека колку е поголема довербата, толку полесно ќе се движи пристапниот процес – изјави еврокомесарката.

Според Кос, довербата не се создава со декларации, туку со конкретни постапки, почитување на меѓународното право, мирно решавање на споровите и соработка за прашања од заеднички интерес. Таа нагласи дека градењето доверба не се однесува само на односите со една земја членка, туку претставува основа за партнерство со сите 27 членки на Европската Унија.

 

 

ИЗДВОЕНИ