Идејата за квалификувано мнозинство наместо консензус како принцип на одлучување во Европската Унија со нова енергија. Ваквото нешто деновиве излегува на виделина како по промената на власта во Унгарија, така и со истапите на дипломатите од земјите членки кои се заговорници на промената на принципот на едногласност. Така, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дел Лајен, во својата постизборна честитка до идниот унгарски премиер, Петер Маѓар, осврнувајќи се на враќањето на Унгарија на „европскиот пат“ и потребата од реформи во рамките на Унијата, Фон дер Лајен, јасно стави до знаење дека досегашниот принцип на апсолутна едногласност станува нефункционален.
– Мислам дека преминувањето кон гласање со квалификувано мнозинство во надворешната политика е важен начин да се избегнат системски блокади, како што видовме во минатото, и треба да го искористиме моментумот сега, навистина, за да продолжиме напред по таа тема – истакна претседателката на ЕК.
Очигледно, таа најде за потребно да го потсети Маѓар на тоа какви сè проблеми на ЕУ ѝ правел доскорешниот унгарски премиер, Виктор Орбан, и дека од него очекува поддршка за менувањето на моделот на одлучувањето. Напоредно со ова, завчера, и белгискиот министер за надворешни работи, Максим Прево, за време на официјална посета на Скопје, недвосмислено порача дека ЕУ веќе треба да го определи датумот за големата промена во процесот на одлучување.
– Еден од главните услови за успех на процесот на пристапување и проширување е самата Европска Унија да си закаже состанок за да го ревидира својот процес на одлучување. Постојаното прашање за едногласност поврзано со прашањата за надворешни работи и безбедност болно го доживеавме последните години, и тие ја доведоа ЕУ до состојба на тишина и молк и на неможност да искаже глас, како што треба да даде како геополитичка сила. Мислам дека функционирањето на овие 27 земји, а и утре, доколку сме повеќе, треба да се повикаме на квалификуваното мнозинство, кое ќе одземе еден дел од правото за едногласност за одредени многу конкретни прашања – рече Прево.
Прево рече дека Македонија треба да добие уверувања дека нема да ѝ се случуваат нови блокади.
– Се разбира, можам да говорам во име на Белгија, не во име на сите 27 земји членки. За нас, постои јасна волја дека овие уверувања треба да ѝ бидат дадени на Северна Македонија откако таа ќе ја направи таа ревизија и дека патот ќе биде деблокиран и отворен. Односно, дека Северна Македонија ќе може да ги примени договорените измени во Уставот и дека нема други земји членки по шест месеци, една година, 18 месеци да доаѓаат со повторни билатерални прашања за да го спречат, запрат и блокираат тој пат – изјави Прево.
Размислувањата за промената на консезуалниот модел на одлучување со квалификуваното мнозинство во изминативе месеци често се спомнувани од евродипломатите. Но, најчесто од земјите членки, кои се силни заговорници на ваквата заложба бидејќи сметаат дека консензусот го оневозможува ефикасното функционирање на Унијата. Наспроти нив, пак, се дел од членките кои не сакаат да се откажат од правото да користат вето. И политичките аналитичари оценуваат дека не може да се очекува брзата промена на начинот на одлучувањето во Брисел.
– Не сум оптимист дека во брзо време може да се случи воведување на моделот со квалификувано мнозинство. ЕУ е како брод кој се движи со брзина на глечер, што значи дека промените се прават многу бавно. Ние сега немаме никаква формална иницијатива или некаков акционен план за таква промена за која би се расправало и на крајот, би се одлучило. Имаме академски дебати околу тоа, а во меѓувреме, малите земји не сакаат да се откажат од своето право на вето. Иако ова се охрабрувачки пораки јас не би играл на карта дека промената која нам би ни одговарала би може да се случи брзо – наведува аналитичарот Петар Арсовски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
И поранешниот макеоднски амбасадор Љупчо Арсовски смета дека ваквите изјави охрабруваат.
-Одредени изјави на личности кои навистина ја разбираат надворешната политика охрабруваат дека тие истовремено ги лоцираат проблемите и во механизмите на самaтa Унија кои се регистрирани во текот на многу години. Но, ете, комплексно е прашањето како сите земји да сe сложат. Да сe надеваме дека од спомнатите, но и други причини, како засилување на ЕУ со земји од Западен Балкан за да отворат пат за Украина и Молдавија итн. Оваа изјава на белгискиот амбасадор охрабрува , но сепак ќе треба да се завршат многу консултации, особено од неколку земји кои се пред се и основачи на Унијата, и што е последниве две години врзано за САД но и за воениот конфликт Русија – Украина. Односно, што е прилично под економски и финансиски притисок со сериозни исполитизирани решенија – наведува Арсовски во изјавата за ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)
Муцунски и Прево на утринско трчање низ Скопје
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со белгискиот колега Максим Прево, вчераутро трчаа низ Скопје. Македонскиот министер објави на „Фејсбук“ дека трчањето е одлична можност за гостинот да го запознае нашиот главен град.












