вторник, јули 7, 2026
Дома БАЛКАН Евакуирани судови и јавните институции во Бугарија поради бран лажни дојави за...

Евакуирани судови и јавните институции во Бугарија поради бран лажни дојави за бомби

0

Втор ден по ред јавни институции низ Бугарија добиваат дојави за поставени бомби, поради што полицијата спроведува проверки и безбедносни мерки на повеќе локации низ земјата.

Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека денеска биле примени повеќе закани за наводно поставени експлозивни направи во јавни институции во Бургас, Јамбол, Разград, Стара Загора, Смолјан, Трговиште, Варна, Добрич, Силистра, Велико Трново, Благоевград, Ловеч, Пазарџик, Видин, Хасково, Софиска област, Крџали, Шумен, Плевен, Монтана и Габрово.

По добиените пријави, полициските служби започнаа проверки на сите посочени објекти, при што се применуваат стандардните процедури за постапување во случаи на закани со бомби, пренесуваат бугарските медиуми.

Во Софија беше евакуирана Судската палата, откако околу 10:30 часот била примена дојава за поставена експлозивна направа. Полициските екипи веднаш започнале со пребарување на зградата.

Од безбедносни причини беше евакуиран и судот во Смолјан, откако Окружниот суд и Окружното обвинителство добиле заканувачка електронска порака.

Во Стара Загора, сите институции сместени во зградата на судот привремено ја прекинале работата додека траеле безбедносните проверки. Закажаните судски рочишта се одложени и ќе бидат презакажани, а странките дополнително ќе бидат известени за новите термини.

Закани биле пријавени и во Благоевград, каде што полицијата не наредила евакуација на општинската зграда. Наместо тоа, службениците ги проверувале просториите додека вработените продолжиле со своите работни обврски.

Дополнителни дојави за бомби биле примени и во Шумен, каде што полициски екипи исто така извршиле безбедносни проверки.

Според информациите на Министерството за внатрешни работи, заканувачките пораки биле испратени во текот на утрото на официјалните електронски адреси на институциите, по што на дел од локациите биле евакуирани вработените и посетителите. Засега нема информации дека при проверките е пронајдена експлозивна направа.

 

ИЗДВОЕНИ