Игор Додик, син на Милорад Додик, денес е официјално именуван за нов премиер на Република Српска (РС), ентитет во рамките на Босна и Херцеговина.
Ова денес го соопшти претседателот на овој помал босански ентитет, Саво Миниќ, за време на обраќањето што започна напладне. Миниќ му го довери мандатот за составување нова влада на РС на помладиот Додик.
Миниќ изјави дека целта е што поскоро да се формира „влада на континуитет“. Тој истакна дека е постигнат широк консензус околу изборот на мандатарот – личност која ќе внесе свежа енергија, ќе ја модернизира РС и ќе ѝ помогне да се справи со различните предизвици со кои моментално се соочува. Таа личност е Игор Додик, кој, според Миниќ, е најмладиот мандатар во историјата на РС, пренесува „Хина“.
Помладиот Додик изрази чест поради неговото именување за мандатар, заблагодарувајќи му се на Миниќ за укажаната доверба, како и на „мојата партија, СНСД“.
Претходно, Миниќ одржа одделни консултации со претставници на партиите од владејачката коалиција.
По предлогот на Миниќ за мандатар, уставниот рок за избор на новата влада од страна на Народното собрание изнесува 40 дена од денот на предлагањето на кандидатот.












