Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не очекува ниту една земја од Западен Балкан во блиска иднина да стане членка на Европската Унија.
Говорејќи на отворањето на Конференцијата на претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ во Белград, Вучиќ оцени дека Унијата во следните неколку години нема да носи одлуки за ново проширување.
„Не мислам дека ЕУ во наредните неколку години ќе може да носи одлуки за проширување, но тоа не значи дека ние не треба да продолжиме со реформите и европскиот пат“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека, според него, би било „бесмислено“ Србија да стане членка на Европската Унија доколку тоа претходно не го сторат и Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Вучиќ посочи дека земјите од Западен Балкан сè уште немаат целосно слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги, иако, како што рече, се тесно поврзани економски и географски.
Тој оцени и дека регионот сè уште ги чувствува последиците од конфликтите во деведесеттите години и порача дека е неопходна поголема меѓусебна соработка меѓу државите кои имаат европски амбиции, со цел полесно да напредуваат на патот кон членство во Европската Унија.












