Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас објави денеска дека Европската Унија подготвила пет милиони евра помош за областите погодени од земјотресите во Венецуела, како и помош во мапирањето на штетите.
Калас на мрежата Икс објави дека разговарала со вршителот на должноста претседател на Венецуела, Делсеа Родригез, и дека ѝ ја пренела „целосната солидарност на ЕУ со народот на Венецуела и нејзиното најдлабоко сочувство до семејствата на оние кои ги загубија своите најблиски“.
Калас, исто така, го објави активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита и додаде дека „неколку земји-членки (ЕУ) брзо распоредија тимови за пребарување и спасување, пожарникари и медицински персонал“.
„Сателитскиот систем на ЕУ „Коперникус“ ги поддржува службите за итни случаи, помагајќи во мапирањето на штетите и насочувањето на помошта таму каде што е најпотребна“, се додава во соопштението.
Калас заклучи дека „Европа е со Венецуела во овој момент на неволја“.
Венецуела беше погодена од два разорни земјотреси на 24 јуни, со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, кои се случија на само четириесет секунди разлика, а нивниот епицентар беше на околу 160 километри западно од главниот град Каракас, пренесува Танјуг.
Според најновите податоци, во земјотресите загинаа најмалку 1.430 луѓе, а 3.238 беа повредени.












