Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, официјално ја доби престижната награда за квалитет на аеродромски услуги (ASQ) за 2025 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World). Наградата беше доделена за време на Глобалниот самит за патничко искуство на ACI што се одржа во Истанбул на 2 септември 2026 година.

Ова е 11. ASQ награда, или награда за квалитет на аеродромските услуги, што ја добива Меѓународниот Аеродром Скопје, со што повторно ја потврдува својата позиција меѓу водечките европски аеродроми според квалитетот на услугите и оперативната извонредност. Признанието се темели целосно на оценките и повратните информации од патниците, собрани преку програмата Airport Service Quality (ASQ), водечка светска програма за мерење и споредбена анализа на искуството на патниците на аеродромите.

Наградата ASQ (Airport Service Quality) им се доделува на аеродромите што постојано обезбедуваат непречено, ефикасно и беспрекорно патничко искуство. Оценките од патниците ги опфаќаат клучните аспекти на патувањето низ аеродромот, вклучувајќи ја ефикасноста на чекирањето, безбедносните проверки, јасната ориентација и сигнализација, удобноста на терминалот, чистотата и севкупната практичност и удобност за патниците.

– Добивањето на ASQ наградата за Најпријатно аеродромско искуство во Европа по 11. пат е исклучително достигнување и огромна гордост за ТАВ Македонија. Ова признание има особена вредност бидејќи доаѓа директно од нашите патници и ја одразува  нивната доверба во услугите што ги обезбедуваме. Воедно, тоа е потврда за посветеноста, професионалноста и тимската работа на нашите вработени, кои секојдневно работат за да обезбедат непречено, ефикасно и пријатно патничко аеродромско искуство. Фактот што оваа награда ја добиваме во период кога опслужуваме рекорден број патници дополнително ја истакнува нашата способност да растеме и да се развиваме, притоа одржувајќи врвен квалитет на услугите.“ – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

ИЗДВОЕНИ