Општина Куманово продолжува со развојот на индустриската зона Новини и Речица, преку изградба на нова сообраќајна и комунална инфраструктура, со цел привлекување нови инвестиции, отворање работни места и поттикнување на економскиот развој на регионот.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека потенцијалот на индустриската зона досега го препознале пет домашни и две странски компании, чии вкупни инвестиции надминуваат 130 милиони евра.
Индустриската зона се простира на површина од 65 хектари и се наоѓа покрај коридорот Е-75, во близина на границата со Србија, Меѓународниот аеродром Скопје и главните транспортни врски.
– Со вложувања на Општина Куманово и на Владата, досега се пробиени девет нови улици, со вкупно 25.000 квадратни метри асфалтирана површина во два слоја. Изграден е над еден и пол километар фекална канализација, 1,7 километри водоводна мрежа, 2,4 километри атмосферска канализација и 3,6 километри електрични инсталации. Потенцијалот на зоната досега го препознале пет домашни и две странски компании, чии вкупни инвестиции надминуваат 130 милиони евра – информираше Димитриевски.
Од вкупно 31 градежна парцела, 21 е слободна за нови инвестиции во лесната и незагадувачка индустрија, комерцијални и деловни објекти, големи трговски единици, хотелски комплекси и други содржини.
Со продолжување на инфраструктурните вложувања, Општина Куманово очекува привлекување нови домашни и странски инвеститори, отворање работни места и создавање услови за долгорочен економски развој.












