По повеќечасовна потрага, денеска, во 10:15 часот, во селото Кален, во Мариовскиот Регион, е пронајден 62-годишниот планинар кој исчезна при планинарење во близина на село Лениште, Општина Прилеп.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во акцијата биле вклучени полициски службеници, екипа на ТППЕ Прилеп, РЦУК – Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување – Прилеп.
Според ЦУК, настанот се случил во неделата, во попладневните часови, кога лицето, по пад и губење на свеста, во 16:47 часот се јавил на телефонскиот број за итни случаи 112, со цел да ја утврди точната локација на која се наоѓа. Притоа, посочил дека се наоѓа помеѓу селото Лениште и манастирот над селото.
– Веднаш по пријавата беа известени надлежните полициски служби, по што полициска екипа излезе на терен и започна потрага. Во дополнителен телефонски разговор, остварен во 17:10 часот, лицето информираше дека се движи кон село Лениште, но дека батеријата на мобилниот телефон му е при крај. И покрај преземените активности, до 18:30 часот лицето сè уште не беше пронајдено, а неговиот мобилен телефон беше исклучен. Потрагата беше интензивирана, со вклучување на дополнителни полициски службеници и екипа на ТППЕ Прилеп. Беше извршена и проверка на неговата домашна адреса, при што беше утврдено дека не се вратило дома – нагласуваат од ЦУК.
Притоа додаваат дека во текот на целата акција, континуирано ја координирале потрагата и комуникацијата меѓу надлежните институции и службите вклучени во теренските активности.
.












