Европската комисија исплати речиси 2,8 милијарди евра за Украина за поддршка на нејзините финансиски потреби и одржување на јавната администрација.
Според соопштението на Европската комисија, ова е седмото исплаќање во рамките на Инструментот за Украина, со што вкупната поддршка од ЕУ обезбедена во рамките на Планот за Украина достигна 29,5 милијарди евра, објавува „Н1“.
Ова е речиси 77 проценти од средствата достапни во рамките на првиот столб на Инструментот, кој обезбедува директна поддршка на државниот буџет.
Исплатата дојде откако Украина успешно спроведе реформи во неколку стратешки сектори, вклучувајќи го управувањето со јавните финансии, судството, финансиските пазари, човечкиот капитал, деловното опкружување, енергетиката, земјоделството, критичните суровини, дигитализацијата и зелената транзиција.
„Брзината и посветеноста на Украина за спроведување на основните реформи ѝ ја донесоа оваа исплата, а сега го отвораме и патот за понатамошен напредок во преговорите за пристапување“, рече комесарката за проширување Марта Кос, која е во Украина.
Украина поднесе делумно барање за исплата на 14 април.
На 28 мај, во рамките на Советот на ЕУ, земјите-членки ја поддржаа оценката на Комисијата дека Украина успешно ги завршила единаесетте реформи поврзани со оваа исплата, заедно со трите преостанати реформи од петтата и шестата исплата, како и четири реформи пренесени од идните транши.












