понеделник, јуни 8, 2026
Дома СВЕТ Како Доналд Трамп помогна шпанскиот прeмиер Педро Санчес да стане „рок ѕвезда“

Како Доналд Трамп помогна шпанскиот прeмиер Педро Санчес да стане „рок ѕвезда“

1
EPA/Borja Sanchez-Trillo
Од аутсајдер до морален лидер на ЕУ

Кога европските лидери ги одржуваат своите периодични собири во Брисел, шпанскиот премиер, Педро Санчес, не е често во центарот на вниманието на медиумите. Како по правило, кога овој 54-годишник чекори по црвениот тепих под џиновската стаклена овална структура во која се среќаваат шефовите на влади на ЕУ, само шпанските новинари се туркаат напред за да извикаат прашања за домашните работи.

Но, додава весникот, на неодамнешните самити, Санчес го пречекуваа невообичаено големи групи новинари кои се удираа со лакти додека мавтаа со микрофони, желни да чујат што има да каже. Од каде е тој ненадеен интерес? Не е затоа што неговата влада добро се справува дома. Кревката коалиција на премиерот ја напуштија нејзините парламентарни партнери и не може да донесува закони. Покрај тоа, низа корупциски скандали во кои се вклучени членови на внатрешниот круг на Санчес ја поткопуваат неговата администрација. Вниманието кон Санчес сега е насочено поради фактот што тој неодамна стана неочекувано лице на европското противење на војната во Иран и, пошироко, на американскиот претседател Доналд Трамп. Кога САД и Израел го почнаа нападот врз Иран кон крајот на февруари, Санчес се издвои како единствен лидер на ЕУ, кој отворено ја осуди воената операција, за разлика од Макрон и Мерц, кои се одлучија за претпазлива, воздржана реакција на конфликтот. Влијание за пресвртот во рејтингот на Шпанецот имаше и реакцијата на Вашингтон на неговите критики. Одлуката на Санчес да им забрани на американските воени авиони да ги користат заеднички управуваните бази и воздушниот простор на земјата го разбесни Трамп. Нарекувајќи ја Шпанија „ужасна“ и „непријателска“, американскиот претседател се закани дека ќе ги прекине сите трговски односи со Мадрид, а подоцна предложи земјата да биде избркана од НАТО. Со ова Белата куќа ненамерно помогна изолираното противење на војната на Шпанија да се претвори во позиција што ја прифаќа речиси цела Европа. За само неколку месеци, шпанскиот премиер од аутсајдер во Европа се претвори во морален лидер на ЕУ.

Сепак, европските лидери не се спремни да се судрат со Трамп, зашто САД се еден од најголемите трговски партнери на ЕУ, а европската одбрана продолжува не само да биде предводена, туку и центрирана на САД. Но, Санчес е исклучок, зашто Шпанија има ограничените трговски односи со САД, географски е оддалечена од потенцијални воени закани и е релативно имуна на енергетските шокови поврзани со Иран, благодарение на бумот на обновлива енергија предводен од Санчес, кој доби пофалби од остатокот од Европа.

ИЗДВОЕНИ