Почетокот на одбележувањето на стогодишнината од Зоолошката градина во Скопје ја отвора приказната за еден век исполнет со историја, промени и раст. Од визијата на Станко Лука Караман до денешната модерна установа, ЗОО – Скопје останува симбол на едукација и љубов кон природата. Во рамки на јубилејот, се најавуваат нови инвестиции, модернизација и кампањи за поголема грижа за животните

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со сопругата и децата застана во ред пред билетарницата на Зоолошка за да купи билети за посета на градината, која оваа година слави голем јубилеј – 100 години постоење, исполнети со спомени, детска радост и вредности што траат. Тој го најави стартот на одбележувањето на еден век Зоолошка градина – Скопје.
– Со поддршката на врвни експерти, како Марјо Худемакер, кој е денес со нас, и на нова енергија, правиме чекори кон враќање на Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми и поставување повисоки стандарди за животните, за едукацијата и за довербата. Следуваат инвестиции, модернизација и нови содржини, со цел ЗОО да биде место каде што се учи, се доживува и се гради свест. Ги започнуваме и кампањите за поддршка, вклучувајќи грижа за животни, каде што секој може да даде свој придонес и да се грижи за одредено животно – истакна Ѓорѓиевски.

Пред еден век, во 1926 година, биологот Станко Лука Караман (1889 – 1959) замислил училиште на отворено среде Градскиот парк. Приказната почнала со подарени животни, а денес, сто години подоцна, ЗОО Скопје има 96 видови животни и е една од најстарите зоолошки градини на Балканот. ЗОО – Скопје е жива институција која преживеала земјотрес, војни и радикални промени на градот.
Работата го донела Караман во Македонија на почетокот на 20 век, за да ги проучува комарците кои ја пренесувале маларијата. Три години подоцна, се вратил во Скопје и иницирал да се основа зоолошки музеј, зачеток на она што денес го знаеме и како Природонаучен музеј и како скопската Зоолошка градина.

Неговата амбиција надминувала обична научна установа. Неговата визија за ЗОО – Скопје била современа за тоа време: просторот да стане место за едукација, научен пристап и хуман однос кон животните. Во период кога вакви концепти биле реткост, Караман ја замислил градината како живо училиште на отворено, место каде што децата и возрасните учат да ја разбираат и да ја почитуваат природата.
Историјата на ЗОО – Скопје не може да се оддели од историјата на самиот град. Катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, кој го уништи поголемиот дел од Скопје и однесе преку 1.000 животи, несомнено ги зафати и Градскиот парк и Зоолошката градина. Со решение на Градското собрание во 1965 година и со донесувањето на елаборатот во 1966 година за ново урбанистичко решение, Зоолошката градина Скопје го добива денешниот изглед. Обновата по земјотресот, всушност, ѝ дала на ЗОО нова, поамбициозна форма. Градскиот парк ги преживеал земјотресот, социјализмот, транзицијата и сите промени на градот.

Сто години по неговата визија, децата на Скопје сè уште доаѓаат на истото место да ги гледаат животните. За најмладите посетители вчера беше подготвена едукативна и музичка програма, како комбинација од забава, учење и дружење, во духот на природата и на животните кои ја симболизираат Зоолошката градина.
(С. Бл.)












