Германецот Фин, кој одлучил да го напушти животот во својата татковина и да се пресели во Македонија, решил да го сподели своето искуство од возењето со македонски воз. Тој на забавен и ироничен начин, преку видео, го раскажа своето патешествие при првото патување со македонски воз, што, всушност, претставува јасна слика за бавно движење, доцнење и чувство дека релацијата од Железничката станица во Скопје до Драчево е многу подолга отколку што навистина е.
Во видеото насловено „Изгубен Германец во македонски воз“, тој ја објаснува моменталната состојба со македонските возови. Во објавата на социјалните мрежи, на почетокот од видеото, Фин мислеше дека од Нова Железничка до Драчево ќе му требаат само 10 минути за да стигне со воз, но се излажа. На возот му требаа 38 минути за да ја помине оваа релација.
– Едночасовното патување со воз до Драчево дефинитивно беше авантура, но следниот пат повеќе би одел со кола. Што мислите? Кој има полоши – Германија или Македонија? – стои во описот на видеото на Германецот.
Тој имаше забелешка и на тоа што билетот за до Драчево, кој чини 46 денари, не може да се плаќа со картичка, туку може да се купи само во готово.
Исто така, на видеото може да се види како на возот му приоѓаат поголем број патници, а има само еден вагон.
– Ова е возот, леле, сакаш да ми кажеш дека толку луѓе чекаат, а има само еден влез, еден вагон!? – нагласува Фин.
Ваквата реакција на Фин, всушност, значи дека услугите во железничкиот сообраќај се несоодветни дури и за обично градско или приградско патување.
Потоа, покрај патот за Драчево, се појавува маж со велосипед, кој се движи побрзо од возот. Всушност, тоа е и највпечатливиот дел од видеото, кога тој ќе извикне: „Луѓе, не сме толку брзи… леле што е ова, со велосипеди се побрзи од нас со возот, како е тоа можно?“
Дополнителен проблем, според него, е и доцнењето на возот.
– Сега е 17 и 50, а требаше да стигнеме во 17 и 12 минути, возот доцни 38 минути – констатира Фин. На крајот од видеото, тој го споделува својот заклучок за искуството. Нагласува дека тоа е „најбавната работа што ја има видено во неговиот живот“.
– Доста беше со македонскиот воз, еднаш и никогаш повеќе. И во Германија возовите се, исто така, бавни, немам ништо против Македонија“ – вели Фин.
Инаку, на граѓаните им е познат како активна личност на социјалните мрежи, кој често ги споделува своите искуства од овдешниот живот.
Останува да видиме дали градскиот воз, чија прва линија, на релација Зелениково – Транспортен центар, треба да профункционира од септември, ќе биде побрз, односно дали навистина ќе бидат потребни само 11 минути за да стигнат граѓаните од Драчево до центарот на Скопје.
Проектот „Градски воз“ треба значително да го олесни секојдневното патување и да го растовари сообраќајниот метеж.
(А. П.)












