Изминативе неколку дена, главна тема, кога е македонската фудбалска јавност во прашање, беше пласираната информација дека постои сериозен проблем, финансиски, во таборот на најтрофејниот македонски клуб, Вардар. Одредени медиуми ја пласираа информацијата дека веќе неколку месеци фудбалерите на Вардар не добиле плата, дека биле исплатени само аргентинските интернационалци и дека малку недостигало „црвено-црните“ да не го одиграат дерби-натпреварот против вечниот ривал, Пелистер.
Ваквите информации добија уште повеќе на тежина поради фактот дека Вардар води голема борба со Шкендија за шампионската титула, а играта што ја прикажуваат избраниците на Гоце Седлоски во пролетниот дел од сезоната е далеку од идеална и, можеби, е одраз на проблемите што наводно постојат во клубот.
Со цел да ја намали тензијата што надвисна деновиве над лидерот во македонската Прва фудбалска лига, првиот човек на „црвено-црните“, извршниот директор Миленко Неделковски, напиша на својот фејсбук-профил дека Вардар е единствениот клуб што ги има редовно исплатено сите плати.
– Единствено ФК Вардар ги има редовно исплатено сите плати. Сите други клубови должат по најмалку две плати. Но, тоа не е вест за сајтовите и фан-страниците!
– Единствено ФК Вардар ја заврши 2025 година со позитива. Според завршната сметка, остварена е добивка од 700.000 евра. Сите други клубови ја завршија 2025 со загуба. Но, и тоа, изгледа, не е атрактивна вест.
– Единствено ФК Вардар зимоска оствари финансиска добивка од фудбалер што си замина. Сите други клубови – не. Но, ете, и тоа не е вест!
– Единствено ФК Вардар има валидни официјални потпишани договори со сериозни спонзори (домашни и странски) и сите пари проаѓаат низ платниот промет на државата. Кај сите други не е така. Јасно е, и тоа не е вест!
– Единствено ФК Вардар не зема пари од општините. На најголемиот дел од клубовите основен приход им се токму парите од советите на општините. Тоа, исто така, не е вест.
Да заклучам: какви се новинарството и медиумите, таков е и фудбалот, напиша Неделковски на својот фејсбук-профил и на тој начин ги демантираше медиумите што тврдеа дека најтрофејниот клуб во нашата земја има сериозни финансиски проблеми.












