Репрезентацијата на Курасао е едно од најпријатните изненадувања на Светското првенство. Откако во првото коло претрпи тежок пораз од Германија со 7:1, најмалата земја што некогаш се пласирала на Мундијал успеа да освои историски бод ремизирајќи без голови против Еквадор.
Зад овој успех стои необична одлука на стручниот штаб, која значително се разликува од практиките на повеќето репрезентации на големите натпреварувања. Наместо строга изолација во хотелски карантин, играчите на Курасао престојуваат заедно со своите сопруги и девојки.
Оваа политика е поддржана од докторката на репрезентацијата, Сузан Хурман, која смета дека присуството на најблиските им помага на фудбалерите полесно да се справат со притисокот и со носталгијата во текот на долгиот турнир.
- Присуството на семејството носи мир и емоционална стабилност. За многу од нашите играчи, ова е исклучително важно, особено бидејќи не се навикнати на ваков вид натпреварувања – објасни Хурман.
Таа дополнително привлече внимание со изјавата дека интимните односи пред натпреварите не само што не се забранети туку може да имаат и позитивен ефект врз психолошката состојба на спортистите.
По освоениот прв бод во историјата на Светските првенства, Курасао сега сонува и за сензационален пласман во нокаут-фазата. Во последното коло го очекува дуел против Брегот на Слоновата Коска, а евентуална победа би претставувала едно од најголемите изненадувања на турнирот. Иако шансите не се големи, Курасао веќе покажа дека е подготвен да ги руши сите правила и очекувања на ова Светско првенство.











