Отчет на избраните и именуваните функционери утре ќе поднесе Движењето ЗНАМ на собирот што е закажан во скопското кино „Фросина“, со почеток во 13:00 часот. На средбата, како што вчера изјави партискиот портпарол Никола Мемов, ќе биде промовирана посебна публикација во која ќе бидат наведени остварувањата во изминатите две години – во Собранието, во Владата и во институциите со кои раководат кадрите на ЗНАМ.
– Ќе ја претставиме публикацијата: „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!“. Нашата порака е едноставна: „Отчетот не е за нас. Отчетот е за граѓаните“. Пред две години, граѓаните ни дадоа доверба и мандат да преземеме одговорност. Денес сметаме дека е наша обврска јасно и отворено да покажеме пред тие граѓани што е направено, кои одлуки се донесени, кои реформи се реализирани, кои проекти се започнати и кои резултати се постигнати – нагласи Мемов.
По овој настан, започнува 14-неделна серија панел-дискусии, кои ќе се одржуваат секој викенд до крајот на годината, директно меѓу граѓаните, во 14 градови во Македонија.
– Ќе зборуваме за реализираното, за реформите, за инвестициите, за институционалните промени, за конкретните политики и за конкретните резултати. Но, што е уште поважно – ќе разговараме директно со граѓаните. Ќе ги слушаме нивните прашања, нивните критики, нивните предлози и нивните очекувања. За нас, отчетот не значи само да кажеш што си направил. Отчет значи да застанеш пред граѓаните и да одговориш зошто си го направил тоа, што е постигнато и што треба допрва да се направи – нагласи Никола Мемов.
Тој рече дека ЗНАМ избира директен контакт со граѓаните и отчет на терен, а не отчет само преку соопштенија, конференции или социјални мрежи.
– Движењето ЗНАМ е единствената политичка партија во Македонија која својот институционален отчет го поставува директно пред граѓаните, на терен, низ континуирана серија јавни дискусии – рече партискиот портпарол.












