Историски договор кој пред 25 години донесе мир, стабилност и заедништво во земјава и кој треба постојано да се одржува на патот на зреење на Македонија кон граѓанското општество. Вакви пораки денеска беа испратени од панел-дискусијата посветена на досегашната имплементација и на идните предизвици на Охридскиот рамковен договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците, во Клубот на пратениците. На панел-дискусијата беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеење на правото и европска интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги. Познато е, со Охридскиот договор се заврши воениот конфликт во Македонија во 2001 година меѓу етнички албанската вооружена формација ОНА и македонските вооружени сили, кој потоа предизвика и прамени во уставното – правно устројство на земјава, со цел да се обезбедат рамноправност и соодветна и правична застапеност на етничките заедници во земјава.
Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, порача дека 25-годишнината не треба да биде само потсетување на минатото туку и можност да се насочи вниманието кон иднината.
– Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност да го насочиме нашето внимание кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите – истакна Ферати.
Поранешната дипломатка на ОБСЕ, Кларис Пастори, која беше ангажирана во Македонија во периодот на преговорите и имплементацијата на договорот, оцени дека Охридскиот рамковен договор е повеќе од мировен договор.
– Се работи за најдобриот договор што не само што го спречи конфликтот туку е и инклузивен договор, кој обединува. Тоа е договор што ги штити основните права и ја направи Македонија заедничка земја за сите, со исти права и со рамноправна застапеност на сите, при што се јакне демократијата. Тој им носи корист на сите граѓани, а неговите креатори покажаа голема храброст и одговорност во тоа време. Сега треба да се размислува за иднината. Охридскиот договор треба да се одржува и постојано поправа, треба да се одржува во живот, тој е жива институција. Тој е основа на вашата иднина. Никој нема да ви даде ловорики за неговото донесување, мора постојано да се осврнувате на денешните проблеми и мора да бидете свртени кон иднината. Имате визија за во иднина и ве очекува вредна работа. Интеграцијата во ЕУ не е крајот, туку е нов почеток. Во ЕП треба да се усогласувате со 200 и повеќе партии од 27 земји, а не само со шест. Нема да биде лесно – порача Пастори.
Опасна теза за сопственици на една едничка заедница
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пак, рече дека целта сега не е навраќање на 2001 година, туку да одговориме на прашањето какава држава сакаме во 2051 година.
– Значи, треба да бидеме фокусирани на иднината. Прво треба да кажеме дека нема дилеми околу тоа дека не треба да се поиспитуваат стекнатите права. Но , исто така, заштитата на правата не треба да значи дека ние, како нација, бесконечно ќе создаваме нови етнички линии во наши институции или во наше општество. Лично сметам дека ние, како држава, сме созреале да имаме капацитет веќе да ги надминеме етничките линии и да градиме вистинско граѓанско општество. Тоа е општество што е насочено кон предизвиците на 21 век, бидејќи институциите и државата му припаѓаат на граѓанинот пред сè. Тука е мојата најголема грижа од политички аспект. Тоа е дека сè уште постојат поединци, политички партии што се обидуваат да се наметнат како сопственик на една заедница по етничка линија. Како да се само тие што ги штитат правата на една етничка заедница и се грижат за одржувањето на стабилноста, не маѓучовечките односи и релации. Тоа е најопасната теза што можеме да дозволиме да постои во наша држава – предупреди министерот Муцунски.
Според него, сега е потребно да бидеме насочени кон развојните политики што ја обединуваат државата, а не кон политиките што ја делат.
– Порака е и дека првите 25 години што ги надминавме биле посветени на градењето доверба, правична застапеност, а следните 25 години мора да ги насочиме кон одговорност, квалитет и резултати. Не на помалку права, тука на градењето подобро, поквалитетно општество и институции и повеќе заедништво. Треба да градиме држава во која прашањето на етничката припадност не е прво што се поставува при напредувањето на кој било поединец во јавниот или во приватниот сектор – нагласи министерот.
Според тетовскиот градоначалник, Билал Касами, треба да продолжи имплементацијата на основните принципи на договорот без оглед на политичките промени, посочувајќи ја децентрализацијата како еден од неговите клучни столбови. Според него, во изминатите 25 години е постигнат напредок, но фискалната децентрализација заостанува зад административната и потребна е поправедна распределба на средствата и поголема локална автономија.
– Имплементацијата мора да продолжи. Охридскиот договор продолжува да живее како видливо начело на нашата демократија. Македонија се стреми кон ЕУ и Охридскиот договор е договор за градење на државата, а не за нејзино делење. Тој е договор за сите граѓани, а не само за Албанците. Само тогаш Македонија ќе стане функционална држава и што поскоро ќе стане членка на ЕУ – рече Касами.
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, порача дека не треба да се смета Охридскиот рамковен договор за завршена работа и потсети на историската улога што тогаш ја имал поранешниот македонски претседател, Борис Трајковски. Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, оцени дека се поврзани Охридскиот рамковен договор и европската интеграција преку принципите на еднаквост, доверба во институциите и квалитетни јавни услуги.
– Охридскиот рамковен договор навистина беше еден голем тест за сите нас. Пред 25 години, приоритет беше да се создадат услови за мир и стабилност, а денес наш приоритет е да создадеме услови за просперитет, европски стандарди и, секако, поквалитетен живот – рече заменик-министерката.
Главно прашање: дали е сменет начинот на размислување?
Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека по 25 години, одговорноста е да се зачуваат стекнатите права, да се институционализираат и да се унапредуваат. Тој посочи дека правичната и соодветна застапеност се насочува кон законското регулирање, додека употребата на албанскиот јазик, како што рече, е гарантирана со закон и се почитува во државните институции.
– За нас, децентрализацијата значи и финансиска моќ за општините – повеќе можности за изградба на патишта, училишта, градинки, водовод, канализација и самостојно определување на развојните приоритети. Правата се посигурни кога се гарантирани со закон и со системот, а не кога зависат од механизми што може да се злоупотребат или од политичката волја на кој било субјект – истакна Меџити.
Според Азиз Положани, договорот досега го покажал својот капацитет.
– Охридскиот договор не е документ од минатото, туку е и дел од регионалната стабилност. Главното прашање сега е колку е изменет начинот на нашето размислување за рамноправноста на граѓаните, а не колку е спроведен договорот. Договорот може да избледи преку селективност и ако се поврзе само со управување со кризи. Иднината зависи од нашата вештина да го оствариме тој договор како начин на нова демократија – нагласи Положани. (Б. Ѓ.)
Свечена владина седница и прослава кај Камениот мост
За денеска е предвидено одржување свечена владина седница на која свое обраќање ќе имаат вицепремиерите Беким Сали и Александар Николовски. Вечерта, на 13 август, на Камениот мост во Скопје ќе се одржи централната манифестација со модерна и со класична музика.
Од друга страна, најголемата албанска опозициска партија, ДУИ, вечерва ќе организира своја манифестација, со која ќе го одбележи јубилејот од Рамковниот договор. Под покровителство на партискиот лидер, Али Ахмети, во еден скопски хотел ќе се одбележи 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот мировен договор со документарец и со панел-дискусија.












