среда, август 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Скопскиот градоначалник со „чешмовача“ покажа дека водата е за пиење

Скопскиот градоначалник со „чешмовача“ покажа дека водата е за пиење

Политиката го „загади“ Рашче – лажна вест за ешерихија коли предизвика паника меѓу скопјани

0

Водата во Скопје е безбедна за пиење. Оваа потврда дојде од надлежните институции откако во јавноста со брзина на светлината се пренесе информацијата дека во водата за пиење од изворот Рашче има опасна бактерија што е штетна за здравјето и оти никој не презема одговорност за тоа.

– Во водата во Скопје е изолирана бактеријата ешерихија коли, да не пиете и да ги известите сите. Немаат објавено, а на Клиника има два случаи на заболени – порака со ваква содржина почна да се шири во вторникот вечерта, по групи на социјалните мрежи каде што најголем дел од членовите се родители.

Пораката, која наводно била по дојава на  вработена или од лабораторијата каде што се испитува скопската вода, е лажна вест и е пласирана со цел да направи хистерија меѓу граѓаните – надлежните институции и градските власти ја отфрлија како неточна.

Сепак, во текот на вчерашниот ден немаше некој, а да не се јави кај најблиските со прашањето: „Слушна дека имало бактерија во водата?“, а граѓаните веќе почнаа да ги празнат рафтовите со пакувана вода во продавниците, а некои правејќи набавки и од соседните градови.

– Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро ги демантира пласираните дезинформации во јавноста дека водата од скопскиот водоснабдителен систем е небезбедна за пиење поради наводно присуство на бактеријата ешерихија коли.

Како одговорна институција, ја информираме јавноста дека АХВ нема добиено известување од скопското јавно комунално претпријатие за незадоволителен резултат од лабораториско тестирање на водата за пиење, што е нивна законска обврска,  врз основа на што би била донесена и забрана за нејзина употреба.

Граѓаните не треба да стравуваат. Водата од градскиот водовод во Скопје е безбедна за пиење и за употреба – од АХВ први ја смируваа паниката во јавноста.

И од Инфективната клиника негираа дека имало пациенти со стомачни тегоби од водата во градскиот водовод на Скопје.

– Немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради пиење на водата за пиење во Скопје – одговори директорот на Клиниката за инфективни болести во Скопје, доктор Фадил Цана, на новинарско прашање дали е вистина, како што се пишувало по социјалните мрежи, дека имало пациенти со здравствени проблеми поради водата за пиење во Скопје.

Но, паничната стихија предизвикана од информацијата дека водата е фекално загадена не стивнуваше во текот на денот, па градоначалникот Орце Ѓеорѓиевски, заедно со директорот на градскиот „Водовод“ и главната лаборантка за испитување на водата, свика прес-конференција за медиумите на која ги отфрлија информациите.

Во скопската лабораторија за анализа на водата бил направен и брз ПСР-тест со готов резултат за четири часа и во него не била изолирана бактеријата. Последните анализа направени во понеделникот покажале дека водата е безбедна за пиење, кажа Емилија Јанеска од скопски „Водовод“.

Градоначалникот обвини за организиран напад, за ширење хистерија и паника, за што најави дека веќе пријавил во МВР.

–  Не постои ништо такво и ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. Јас не сум монструм што ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен. Се оди на варијанта да се шират лаги и дезинформации зашто годинава, за разлика од други години, немаме проблем во Скопје со притисокот. Се сублимираат сите профили на опозициските партии и во текот на денот ќе бидат доставени до МВР, каде што барам да се постапи соодветно против истите. Ова е организиран напад, ширење паника и страв. Разбирам политика и во политиката понекогаш се дозволени некои недозволиви работи, но ќе има постапување. Веќе разговарав со министерот за внатрешни работи – рече градоначалникот.

Тој нарача да му биде донесена чаша вода од чешма, која ја испи докрај, потврдувајќи пред јавноста дека водата е чиста и се пие.

– Водата од скопскиот водовод, освен мене, ја пијат и моето семејство и моето дете. Ако имало каков било проблем, прв ќе бев што ќе излезеше во јавноста да го каже тоа. Нашите структури од „Водовод“ и лабораторијата цело време работат за подобрување на состојбата со водата во Гостивар. Нашата лабораторија на дневна основа прави по 36 анализи на вода, испитувања на примероци од различни локации – продолжи да уверува првиот човек на Градот.

Објавите дека во градскиот водовод има фекална бактерија почнаа да се шират по социјалните мрежи откако во јавноста беше објавена снимка од депонија на 30 километри од изворот на вода во Рашче. Снимката ја искористи опозицијата и ја обвини власта за негрижа со водата за пиење.

Ѓеоргиевски уверува „Рашче е обезбедено како Пентагон и пиле не може да прелета таму“, што се однесува до депонијата, заедно со Општината Сарај во чија надлежност е, почнале да ја расчистуваат. (П. А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ