четврток, октомври 8, 2026
Дома СВЕТ Двајца Латвијци се упасени поради упад во британска воена база – истрагата...

Двајца Латвијци се упасени поради упад во британска воена база – истрагата ја презеде антитерористичката единица

12

Двајца државјани на Латвија се уапсени во близина на британската база на Кралските воздухопловни сили (RAF) „Молсворт“ (Molesworth), каде што се сместени разузнавачките центри на САД и НАТО. Полицијата денес потврди дека тие биле уапсени од безбедносните патроли на Министерството за одбрана, пренесува AP.

Базата RAF „Молсворт“, лоцирана на 112 километри северно од Лондон, е под управа на Американските воздухопловни сили. Таму се стационирани разузнавачки службеници од Командата на САД за Африка и од Заедничкиот разузнавачки центар на НАТО, кој проследува информации до Врховниот сојузнички командант за Европа.

Мажите, на возраст од 36 и 32 години кои живеат во Обединетото Кралство, биле уапсени денес околу два часот по полноќ. Воената полиција и полицијата од Кембриџшир ги запреле откако била откриена мала дупка во безбедносната ограда на базата.

Тие се осомничени за неовластен влез во заштитената зона и предизвикување штета. Исто така, се товарат за влез во забранета зона со намера која веројатно би била штетна за интересите на Обединетото Кралство. Истрагата ја презеде антитерористичката полициска единица.

Кон крајот на септември, британската полиција уапси петмина мажи под сомнение дека подготвувале терористички напад врз воздухопловната база „РАФ Ферфорд“ во Глостершир, на околу 130 километри западно од Лондон, која ја користи Американското воено воздухопловство. Полицијата интервенираше по пријава за сомнителни комбиња во близина на базата, а жителите на блиското село Велфорд беа евакуирани поради можна опасност. Истрагата ја презеде антитерористичката полиција.

Потоа истрагата се прошири, па на 1 октомври беше уапсен 27-годишен маж со британско и иранско државјанство. Полицијата ја проверуваше можноста за вмешаност на странска држава. Американските власти подоцна ги повлекоа бомбардерите „Б-1“ од „РАФ Ферфорд“ поради безбедносни закани, при што претседателот Доналд Трамп потврди дека одлуката е донесена врз основа на информации за можен напад.

Сите седуммина осомничени во случајот „РАФ Ферфорд“ се пуштени на слобода со кауција, но истражните дејствија продолжуваат. Засега нема потврда дека овој случај е поврзан со денешното апсење на двајца Латвијци во базата „РАФ Молсворт“.

ИЗДВОЕНИ