Голем скандал ја потресе организацијата на Светското првенство во алпско скијање, кое треба да се одржи следниот февруари, во Кранс-Монтана, Швајцарија. Клод-Ален Шмидхалтер, претседател на Организацискиот одбор и потпретседател на „Свис-ски“, е привремено суспендиран од двете функции поради кривична постапка поведена против него. Набргу потоа, според швајцарски „Блик“, Шмидхалтер поднел и оставка.
Случајот не е поврзан со неговото работење во скијањето, туку со деловните активности на инженерска компанија во Бриг-Глис, со која раководел со години, заедно со поранешен партнер.
Според обвинението, двајцата имале договор според кој партнерот што заминува во пензија требало да добие одреден износ од сопственикот што останува во компанијата. Проблемот настанал при реализацијата на исплатата, бидејќи на поранешниот партнер му бил исплатен помал износ од договорениот.
Обвинителството тврди дека добивката на компанијата претходно била вештачки намалена преку префрлање средства на друг правен субјект. Со тоа, според обвинението, поранешниот партнер претрпел финансиска штета поголема од 300.000 швајцарски франци.
Обвинителството бара условна затворска казна од 23 месеци за Шмидхалтер и за другиот обвинет, како и парична казна и надоместок на штета. Судењето е закажано за 27 октомври, пред Окружниот суд во Бриг-Глис.
Шмидхалтер, сепак, ги негира сите обвинувања. Тој тврди дека станува збор за долгогодишен спор со поранешен деловен партнер и дека сметководствените практики на неговата компанија биле во согласност со прописите.
„Свис-ски“ и Организацискиот одбор одлучија да го суспендираат за да ги заштитат интегритетот и оперативното функционирање на организацијата. Со подготовките за СП сега ќе раководат Себастијан Реј и Диего Цугер.
Светското првенство во Кранс-Монтана е закажано од 1 до 14 февруари 2027 година. Иако има уште време до почетокот, организаторите веќе се соочуваат со сериозен удар пред големиот швајцарски спортски спектакл.











